Фото: „Нова Македонија“

Тимот на македонскиот стручњак Влатко Андоновски по мечевите во саботата, во рамките на 17. коло, има 12 бода пред второпласираниот Вашингтон

ФУДБАЛ – ПРВЕНСТВО НА САД

Доминантната форма на Канзас сити карент на врвот на Националната женска фудбалска лига (НВСЛ) во САД продолжи со победа со 2-0 на гости на натпреварот со Портланд во саботата, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Тимот на македонскиот стручњак Влатко Андоновски по мечевите во саботата, во рамките на 17. коло, има 12 бода повеќе од второпласираниот Вашингтон.
По 26 кола најдобрите осум тима ќе ја продолжат сезоната со настапот во четврт-финалето на плејофот.
Лидерот во лигата, исто така, регистрира пет последователни натпревари без примен гол, вкупно 452 минути без затресена мрежа. Тоа е втора најдолга низа во историјата на клубот, една минута помалку од рекордот поставен претходно сезонава, а петте меча по ред без примен погодок се израмнета најдолга таква серија во регуларната сезона во историјата на лигата, пишува Канзас сити на својата интернет-страница.
Портланд, пак, ја прекинаа серијата од 10 последователни домашни натпревари без пораз, која датира од минатата сезона, пишува АП. Канзас сити во победата на тој дуел го постигна првиот гол по 55 секунди игра, преку Ели Вилер, нејзин прв сезонава. Темва Чавинга го постигна вториот погодок на дуелот, во 71. минута, и таа сега со 11 погодока е на врвот на листата на стрелците. Н.М.