Фото: ЕПА

Од суптилни одвлекувања на вниманието до инспиративни видеа, што сѐ може да ја направи разликата, пишува УЕФА

Како тренерите ги подготвуваат фудбалерите за финале?

Една од поинтересните приказни за тензичните часови пред финале за европска клупска титула е раскажана од Гари Биртлс, поранешниот фудбалер на Нотингем форест, во пресрет на финалето во 1979 година со Малме во Минхен, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Тимот се собра во градината на нивниот хотел пред да замине на стадионот, а Биртлс се соочи со неговиот тренер Брајан Клоф, кој праша зошто има брада. „Секогаш го правам тоа, тоа е суеверие“, беше одговорот на Биртлс. „Качете се горе, избричете ја“, возврати Клоф, кој на играчот му го позајми својот жилет за да ја заврши работата. Тоа е приказна што носи насмевка на лицето, иако Биртлс ја кажува за да даде поента за раководењето на Клоф, кој забележал напнатост кај 23-годишниот фудбалер, а ситуацијата со брадата обезбеди добредојдено одвлекување на вниманието.
Да се задржи смиреноста пред настан од оваа големина е предизвик и денес. Според техничкиот набљудувач на УЕФА, Рафаел Бенитез, победник на Лигата на шампионите (ЛШ) со Ливерпул во 2005 година, една очигледна мерка што може да ја преземе тренерот е да се осигури дека подготовките на играчите остануваат што е можно поблиску до нормалата.
– Морате да се обидете да ги натерате играчите да се чувствуваат удобно и да не ги менувате нивните рутини премногу. Ако сте во финалето, тоа е затоа што сте направиле нешто правилно. Затоа, важно е да се обидете да ги повторите истите работи за играчот да се чувствува смирен и сигурен. Околината не помага затоа што луѓето околу се уште повозбудени за финалето, а тоа може да влијае на играчите. Но ако рутините останат исти, тренинзите и планот за игра се јасни, играчот добива самодоверба и му приоѓа на финалето на порелаксиран начин – вели Бенитез.
Оттука и значењето на тренер што пренесува смиреност. Џовани ван Бронкхорст нуди еден пример, од подготовките на Барселона за финалето со Арсенал во 2006 година. Ван Бронкхорст, сега, исто така, член на Техничката група за набљудувачи на УЕФА, се сеќава дека тренерот Франк Рајкард „го подготвил тимот како за нормална средба. Тој, како тренер, не ни вршеше никаков притисок. Рече дека сме добар тим. Се сеќавам дека имавме состанок пред да одиме на стадионот, а заѕвони телефон. Кај некои тренери, ако се случи тоа на тактичка средба пред финале во ЛШ, ќе полудеа. Но се сеќавам дека се смеевме, а потоа се насмеа и Рајкард“.
Тоа е различен Рајкард од оној со кој Франк де Бур се сретна пред финалето во 1995 година, кога плејмејкерот на Ајакс се подготвуваше за својот последен меч во клупскиот фудбал против Милан, неговиот поранешен тим.

– Тој беше фокусиран цела недела претходно. Беше многу важно за него добро да ја заврши кариерата и против неговите поранешни соиграчи, и ако некој почнеше да го вознемирува, ќе му кажеше – вели Де Бур.
Пред 30 години, подготовките на Ајакс вклучуваа и гледање видео од Милан во акција.
– Не беше како сега, со снимки од напад, одбрана, транзиции. Тоа беше видео за тоа како тие играа. Гледавме 45 минути, а тренерот Луис ван Гал даде некои детали – рече Де Бур, исто така, сега Технички набљудувач на УЕФА.
Де Бур потсетува и на оптимистичкото расположение во Ајакс поради победата против големиот ривал Феенорд неколку дена претходно. Холандскиот првак играше со многу променета екипа, што „даде голема доверба кај сите вклучени дека, ако некој друг влезе, може да има големо влијание“. Прашањето за ставање играчи во или надвор од тимот за мечевите пред финале е прашање што го допира и Бенитез. Може да биде тешко, признава тој, „да се задржи концентрацијата на играчите. Можете да зборувате за следниот дуел во лигата, на пример, но сите сакаат да играат во финалето, па затоа се фокусирани на тоа“.
Пеп Гвардиола му покажа на својот тим Барселона седумминутно видео инспирирано од филмот „Гладијатор“ во соблекувалната пред победата пред 16 години година со Манчестер јунајтед. А во 2008 година, играчите на Јунајтед гледаа видео од пресвртот во финалето во 1999 година против Баерн во пресрет на мечот со Челси. Пораката од Сер Алекс Фергусон? „Тој натпревар е историја на клубот“.
Аитор Каранка, технички набљудувач на УЕФА, зборува за финалето со Валенсија во 2000 година.
– Сите бевме пријатели и излегувавме на оброци заедно, а успехот зависи од групата и од атмосферата. Се собиравме во просторијата за масажа, разговаравме и се смеевме – рече Каранка.
Што се однесува до тренерот Висенте дел Боске, „пред финалето, Висенте беше Висенте, тој ни ја пренесуваше својата смиреност, чувство на смиреност што ни кажуваше дека знаел дека ќе дадеме сѐ од себе“. Тактиката очигледно ја игра својата улога, но, како што вели Каранка, во случајот со Реал таа сезона, Дел Боске веќе направи клучна промена претходно во сезоната, со тројца играчи пред четврт-финалето со Јунајтед. „Тогаш тимот почна да игра, барем во ЛШ“.
Но што ако работите не тргнат како што е планирано? За пресвртот во финалето на Ливерпул во 2005 година со Милан, Бенитез се сеќава дека претходно се одлучил за напаѓачки пристап.

– Треба да ги анализирате слабите и силните страни на вашиот тим и на другиот тим. Во овој случај, Милан немаше премногу слабости, сите негови играчи беа многу добри. Затоа, моравме да се фокусираме на нашите силни страни. Се обидовме да играме со пет офанзивни играчи. Клучот беше да се задржи рамнотежата и да се браниме добро во исто време – вели тој.
Откако Ливерпул губеше со 3-0 по првото полувреме, Бенитез го внесе дефанзивниот играч за врска Дитмар Хаман. Таа измена и други фактори потоа преовладаа ноќта да заврши со триумф на црвените на пенали.
– Не функционираше, па моравме да ја смениме тактиката и пристапот. Благодарение на напорите и посветеноста на играчите, плус целосната поддршка од навивачите, можевме да ја освоиме ЛШ – објаснува Бенитез. Н.М.