- НФЛ е нешто што го следам веќе околу десет години. Ја обожавам, па би сакал да ја пробам, рече Кејн. Еден победник на Супербоул е подготвен да му помогне во тоа, бидејќи не само што го поддржува Кејн да ја направи транзицијата туку нуди и да го тренира. Како млад фудбалер, Кејн беше инспириран од документарец од 2011 година што го гледаше за легендарниот квотербек (додавач) Том Брејди, а потоа стана навивач на Њу Ингланд патриотс
Капитенот на фудбалската репрезентација на Англија, Хари Кејн, не ја криеше својата желба еден ден да игра во НФЛ-лигата во американски фудбал во САД. Неодамна напаѓачот на германски Баерн рече дека обидот да стане шутер во американски фудбал „секогаш е нешто што го има во мислите“, пишува „Би-би-си“.
– Знам дека ќе биде многу напорна работа. Не очекувам само да почнам да шутирам за поени од поле. Ќе бара многу вежбање – рече тој во 2023 година, пренесе „Би-би-си“.
Еден победник на Супербоул е подготвен да му помогне во тоа, бидејќи не само што го поддржува Кејн да ја направи транзицијата туку нуди и да го тренира.
Како млад фудбалер, Кејн беше инспириран од документарец од 2011 година што го гледаше за легендарниот квотербек (додавач) Том Брејди, а потоа стана навивач на Њу Ингланд патриотс. Тој присуствуваше на победата на Патриотс на Супербоулот во Атланта во 2019 година и се спријатели со Брејди и со соиграчот Џулијан Еделман, кои сега се пензионирани. За време на гостувањето во 2023 година во „Добро утро, Америка“, најгледаната утринска емисија во САД, Кејн рече дека станувањето шутер во НФЛ е „нешто што дефинитивно сака да го истражи“ кога ќе се пензионира од фудбалот, пишува „Би-би-си“.
– НФЛ е нешто што го следам веќе околу десет години. Ја обожавам, па би сакал да ја пробам – рече тој.
Дастин Колквит го имитираше својот татко Крег, кој не само што стана изведувач на почетни удари во НФЛ, туку и шампион на Супербоул, со Канзас сити чифс во 2020 година. Колквит помина 15 сезони со тој клуб, поставувајќи го клупскиот рекорд за најмногу натпревари (238), но порасна сонувајќи да игра во англиската фудбалска Премиерлига. Тој играше фудбал во средно училиште, добивајќи понуди за стипендии за колеџ, и останува голем фудбалски обожавател. Се сеќава како го бодрел Кејн за време на натпреварите на Светското првенство и, на прашањето дали поранешниот напаѓач на Тотенхем би можел да стане шутер во НФЛ, Колквит изјави за „Би-би-си“: „Апсолутно, ако се фокусира на тоа. Би се снашол фантастично. Видов некои од неговите вештини. Би сакал навистина да соработувам со него само затоа што го сакам фудбалот со неговата возбуда. Тој го бара ова, тоа е дел од неговото битие, дека сака да ја проба НФЛ“.
Речиси секогаш играчот на тимот што изведува почетен удар ја држи топката на место за шутерите. Како што вели Колквит, тој играч „ја држи работата на шутерот буквално во свои раце“. Значи, ако и кога Кејн ќе почне да вежба шутирање, му треба искусен држач на топка, во спротивно неговиот обид да стане спортист во два спорта би можел да заврши пред навистина да почне, пишува „Би-би-си“.
– Човекот што ја држи топката за тие удари од поле е исклучително важен, да знае каде се врвките на топката, ако има ветер. Значи, кога тој ќе биде подготвен, јас сум подготвен – рече Колквит.
Зошто Кејн мисли дека има предност
Колквит рече дека изведувачите на почетен удар и шутерите имаат тенденција да пристапуваат кон секој шут со менталитет на „еден шут, еден удар, имаш еден шут и подобро е да го погодиш“.
– Ти требаат само кога ти требаат, но мора да бидат вредни кога се смета на нив – додаде тој.
Додека изведувачите на почетен удар во НФЛ-лигата пуштајќи ја од рацете ја удираат топката кон другата страна на теренот, шутерите мора да шутнат статична топка, помеѓу стативите, за погодок од поле или за дополнителен поен по т.н. тачдаун.
Кејн изјави во разговор со Гери Невил во 2021 година дека шутевите што ги прави еден шутер во НФЛ-лигата се „речиси еквивалентни на пенал во фудбалот“.
Без да се вклучат пенал-сериите, Кејн постигна 93 од 105 пенали за време на неговата сениорска кариера и промаши само еден од 37-те удари од белата точка откако не погоди на Светското првенство на натпреварот со Франција, во декември 2022 година.
– Многу луѓе можат да постигнат гол од пенал на тренинг или да шутираат далеку, но дали можеш да го направиш тоа под притисок кога моментот е важен? Тој аспект е делот каде што можеби имам мала предност пред некои помлади луѓе што доаѓаат – му рече Кејн на Невил, пренесе „Би-би-си“.
Кои фудбалери направиле трансфер во НФЛ?
Откако Пит Гоголак го вовел шутирањето во фудбалски стил во НФЛ-лигата во 1960-тите години, Далас каубојс ја обиколи Европа барајќи слични шутери и го откри поранешниот австриски фудбалер Тони Фрич, кој се откажа од фудбалот на 26 години за да продолжи со кариера во НФЛ, пишува „Би-би-си“.
Каубоите го освоија Супербоулот во 1972 година, на крајот од својата прва сезона и иако Фрич беше повреден, доби прстен за освоениот Супербоул. Гаро Јепремијан, Мортен Андерсен, Јан Стенеруд, Тони Линхарт и Нил О’Донохју, исто така, станаа шутери во НФЛ-лигата откако играа фудбал во Европа, а Клајв Ален имаше 35 години кога ја проба среќата со Лондон монархс во 1997 година. Поранешниот напаѓач на Тотенхем и на репрезентацијата на Англија постигна шест од шест погодоци од поле и седум од 10 погодоци по тачдаун, но ниту еден од неговите голови од поле не беше од подалеку од 40 јарди и неговата авантура во американскиот фудбал заврши тука, пишува „Би-би-си“.
Сегашните шутери во НФЛ, Брендон Обри (Далас каубојс), Харисон Баткер (Канзас сити чифс) и Каиро Сантос (Чикаго берс), играле фудбал, а фактот дека Ник Фолк и Мет Пратер уште постигнуваат голови од поле на 41 година, му дава надеж на Кејн, пишува „Би-би-си“. Неговиот договор со Баерн важи до 2027 година, непосредно пред неговиот 34-ти роденден, па иако е отворен за продолжување на договорот, уште има време да се оствари сонот на Кејн во НФЛ, пишува „Би-би-си“. Н.М.
































