Фото: ЕПА

Планиравме да ја нафрлиме топката, но застанав со Букајо и му реков: „Не е добро да се нафрли топката во оваа ситуација“. Гледав во ѕидот и во Куртоа и го видов просторот околу ѕидот. Букајо рече: „Ако го чувствуваш, шутирај“, рече Рајс на прашањето зошто Жовер правеше гестикулација да ја центрира топката додека се подготвуваа за слободен удар на мечот со Реал

ФУДБАЛ

Како тренер на Арсенал, Николас Жовер е главниот зад постигнувањето голови на англискиот фудбалски премиерлигаш од ситуации при прекин на игра. Се чини дека тој не може да земе никаква заслуга за двата неверојатни слободни удари на Деклан Рајс на дуелот со Реал Мадрид, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Рајс шутна околу одбранбениот ѕид кога го доведе во водство Арсенал, а потоа изведе уште еден слободен удар кога го погоди горниот лев агол неколку минути подоцна, на патот кон победата од 3-0 во првиот натпревар од четврт-финалето на Лигата на шампионите минатата недела.
Репрезентативецот на Англија, сепак, откри дека тоа можеби немало да се случи доколку го слушал Жовер, човекот што е заслужен за претворање на Арсенал во крал во Премиер-лигата сезонава откако се приклучи од стручниот штаб на Манчестер сити.
– Планиравме да ја нафрлиме топката на втората статива. Тој сакаше да нафрлиме, но застанав со Букајо Сака и му реков: „Не е добро да се нафрли топката во оваа ситуација“. Гледав во ѕидот и во Тибо Куртоа и го видов просторот околу надворешната страна на ѕидот. Букајо рече: „Ако го чувствуваш, шутирај“, а јас реков: „Знаеш што, ќе шутирам“ – рече Рајс за неговиот прв гол на прашањето зошто Жовер правеше гестикулација да ја центрира топката кога стоеше во техничкиот простор додека Рајс и Сака се подготвуваа за слободниот удар, пишува АП.
Рајс никогаш не постигнал гол директно од слободен удар во неговите претходни 338 натпревари како професионалец. Претходен пат кога Арсенал постигна гол намерно од директен слободен удар беше во септември 2021 година, кога Мартин Одегард го стори тоа против Барнли, пишува АП.
Рајс стана само четвртиот играч на Арсенал што постигнал гол од директен слободен удар во Лигата на шампионите, по Алберто Мендез, Тиери Анри (трипати) и Сака, и првиот што го постигнал тоа во нокаут-натпревар, а наедно е петтиот играч со два гола од слободен удар на натпревар од Лигата на шампионите, по Ривалдо, Кристијано Роналдо, Нејмар и Хаким Зиеш, пишува „Би-би-си“. Н.М.