На СП 2026 ќе играат вкупно 48 репрезентации од целиот свет, и тоа од Азија најмалку осум (една ќе игра во интерконтиненталниот плејоф), од Африка девет (една), од Северна Америка шест (две), од Јужна Америка шест (една), од Океанија една (една) и од Европа 16
ФУДБАЛ
Фудбалската репрезентација на Јапонија прва се пласира на Светското првенство (СП) што в година треба да се игра во САД, Мексико и во Канада, откако вчера славеше на дуелот со Бахреин, дома. Претходно пласман на Мундијалот обезбедија домаќините, а Јапонија е првата што го оствари тоа преку квалификациите. За Јапонија тоа ќе биде осмо учество на фудбалско светско првенство.
Во квалификациите во Азија, во групата три, репрезентацијата на Јапонија сега води со 19 бода и веќе не може да биде послабопласирана од второто место на табелата. Според правилата, првопласираните две селекции од секоја од трите групи ќе се пласираат на СП 2026. Репрезентациите на третите и на четвртите места ќе играат во нова рунда, со две групи од по три селекции, а првопласираните, исто така, ќе обезбедат место на планетарниот шампионат. Второпласираните од тие две групи потоа ќе играат меѓусебен плејоф-дуел, а победникот ќе се пласира во интерконтиненталниот бараж, во кој ќе настапат и две селекции од Северна Америка и по една од Јужна Америка, Океанија и од Африка и кои ќе играат за уште две места на Светското првенство во 2026 година.
По натпреварите во март во квалификациите за Мундијалот в година пласман ќе обезбеди и една селекција од Океанија (таму неделава се играат полуфиналните натпревари, идната недела е финалето на плејофот), а може да има и уште репрезентации од Азија, како и од Јужна Америка. Европските репрезентации вечерва го почнуваат патот кон светското првенство, квалификациите во Африка се во тек (во овој период се играат четвртото и петтото коло од предвидените десет), а во март нема натпревари од квалификациите во Северна Америка.
На СП 2026 ќе играат вкупно 48 репрезентации од целиот свет, и тоа од Азија најмалку осум (една ќе игра во интерконтиненталниот плејоф), од Африка девет (една), од Северна Америка шест (две), од Јужна Америка шест (една), Океанија една (една) и од Европа 16 (нема да има претставник во интерконтиненталниот бараж). Н.М.