Покрај селекторот на Италија, Спалети, на ЕП 2024 се и Монтела (Турција), Тедеско (Белгија), Роси (Унгарија) и Калцона (Словачка). Четворица од нив студирале во тренерската школа на Италијанската фудбалска федерација, која ја раководи Уливиери, кој е и претседател на Здружението на италијанските фудбалски тренери. „Тоа е голем извор на гордост за целиот италијански фудбал, а особено за нашата тренерска школа. Сметаме дека нашите тренери се одлични, од две причини: нашето училиште е добро, а потоа тренерите имаат многу образовно стажирање во нашите лиги, каде што тактиката игра огромна улога“, рече Уливиери
ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА
Италија ја продолжува традицијата на фудбалското Европско првенство (ЕП) со италијански селектори, овој пат петмина на турнирот во Германија. Покрај селекторот на Италија, Лучијано Спалети, на ЕП 2024 се и Винченцо Монтела (Турција), Доменико Тедеско (Белгија), Марко Роси (Унгарија) и Франческо Калцона (Словачка), пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Со пет од 24 селектори на репрезентации во Германија предводени од Италијанци, тоа е повеќе од Холандија, која имаше тројца селектори на ЕП 2008, кога настапија 16 репрезентации.
Сите освен Тедеско студирале во тренерската школа на Италијанската фудбалска федерација, која ја раководи поранешниот тренер Ренцо Уливиери, кој е и претседател на Здружението на италијанските фудбалски тренери, пишува АП.
– Тоа е голем извор на гордост за целиот италијански фудбал, а особено за нашата тренерска школа. Сметаме дека нашите тренери се одлични од две причини: нашето училиште е добро, а потоа тренерите имаат многу образовно стажирање во нашите лиги, како во професионалните, така и во аматерските лиги, каде што тактиката игра огромна улога – рече Уливиери во интервјуто за „Асошиејтед прес“.
Силата е евидентна не само во репрезентациите туку и на клупски план. Карло Анчелоти, еден од најпознатите италијански тренери, ја освои својата петта титула во Лигата на шампионите, кога неодамна Реал Мадрид во финалето ја победи Борусија Дортмунд со 2-0. Аталанта, под водство на Џан Пјеро Гасперини, ја освои Лига Европа победувајќи го Баер со 3-0. Само тесниот пораз на Фиорентина од Олимпијакос со 1-0 во финалето на Конференциската лига, под водство на тренерот Винченцо Италијано, ги спречи италијанските тренери да остварат хет-трик со европските клупски титули, пишува АП.
– Тајната (за италијанскиот тренерски успех) е нашата предиспозиција за уметноста да го извлечеме најдоброто од сѐ, дури и во тешки ситуации – рече Уливиери.
Лучијано Спалети
Најпознатиот од италијанските тренери на ЕП, Спалети (65), доби и највисоки оценки. Спалети одеше во тренерската школа на Италијанската фудбалска федерација во 1998-1999 година и дипломира со максимална оценка што можеше да се постигне, 110. Тој ја напиша својата теза на тема „Систем за играње 3-5-2“. Спалети ја презеде Италија во минатата година, веднаш по напуштањето на Наполи. Тој го предводеше тој тим до првата титула во Серија А по повеќе од три децении. Со тоа, исто така, заврши долгото чекање за неговата прва титула во италијанската лига, откако претходно тренираше тимови како Интер и Рома. Тој ги освои трофеите во Купот на Италија со Рома во 2007 и 2008 година, а потоа и трофеи во руската лига со Зенит во 2010 и 2012 година, пишува АП.
Винченцо Монтела
Монтела (50) исто така беше еден од најдобрите студенти во класата, со конечна оценка од 110/110 на крајот од неговиот курс во 2011 година. Монтела ја презеде репрезентацијата на Турција во минатата година, но живее во земјата од 2021 година како тренер на суперлигашот Адана Демирспор. Тој претходно беше тренер на Фиорентина, Милан и на Сампдорија меѓу другите во неговата родна земја, како и на Севилја во Шпанија. Неговиот единствен трофеј како тренер е Суперкупот на Италија со Милан. Монтела беше плоден напаѓач за време на неговата играчка кариера и ѝ помогна на Италија за пласманот во финалето на ЕП 2000.
– Како ученик во училиштето, Монтела беше исто како кога беше играч: ѕвездено дете, исто така и студиозно – рече Уливиери.
Франческо Калцона
Словачка можеби е првата работа на Калцона како главен тренер, но 55-годишниот тренер имаше импресивно стажирање. Калцона му беше помошник-тренер на Маурицио Сари во Наполи од 2015 до 2018 година. Тој исто така беше дел од персоналот на Спалети во тој тим од Серија А и помогна да се постават темелите на патот кон титулата во лигата. Калцона си замина во август 2022 година, пред сезоната за освојување на титулата. Откако ја одведе Словачка до ЕП 2024, Калцона ја доби својата прва сениорска улога на клупско ниво кога Наполи му се обрати во февруари како трет тренер во сезоната. Тој доби договор за остатокот од сезоната и му беше дозволено да ги извршува двете работи.
Марко Роси
По неколку години како тренер во пониските лиги на италијанскиот фудбал, потоа се најде без клуб една година, Роси (59) размислуваше да се приклучи на сметководствената фирма на неговиот брат. Но, средба со спортскиот директор на Хонвед доведе до тоа тој да го преземе унгарскиот тим. Роси имаше два периода со Хонвед и го предводеше тимот до првата титула во унгарската лига по 24 години, во 2017 година. Тој исто така беше тренер на словачки тим пред да биде назначен за селектор на Унгарија во јули 2018 година. Роси ја предводеше Унгарија до ЕП 2020, но беше елиминирана во групната фаза и покрај импресивните ремија со Франција и до Германија.
Доменико Тедеско
Најмладиот од италијанските тренери, Тедеско (38), беше и единствениот што не учеше во тренерската школа на Федерацијата. Тедеско, Италијанец и Германец, беше назначен за селектор на Белгија во февруари минатата година, но брзо изгради цврст и забавен тим, кој беше непобедлив во неговиот мандат до неочекуваниот пораз од Словачка. Тедеско емигрирал од Италија во Германија со своето семејство кога имал две години. Тој ја почна својата тренерска кариера во младинските тимови на Штутгарт кога имаше само 22 години, додека работеше и во фабриката на „Мерцедес“, пишува АП. Тедеско ја доби својата тренерска лиценца во Германија и беше врвен во класата во која беше актуелниот селектор на Германија, Јулијан Нагелсман. Тој беше тренер на сениорските тимови на Шалке, Спартак Москва и на Лајпциг, со кој го освои Купот на Германија во 2022 година. Н.М.