Бетис првпат е во финале на некој европски куп, а Челси може да биде првиот клуб што ги освоил сите клупски натпреварувања на УЕФА
ФУДБАЛ – КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА, ФИНАЛЕ
Бетис и Челси вечерва (од 21 часот) во Вроцлав (Полска) во меѓусебен меч ќе го одредат победникот на четвртата сезона на фудбалската Конференциска лига, но ќе играат и за влез во историјата. Бетис ќе игра за својот прв европски трофеј, а Челси за да биде првиот клуб што ги освоил пехарите во сите клупски натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Клубот од Севилја, кој првпат е во финале на некој европски куп, дебитира во Европа во 1977 година и досегашниот најголем успех во куповите на УЕФА беа две четврт-финалиња. Токму во првата сезона Бетис настапи во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК) и се пласира меѓу осумте најдобри, а истиот успех во истиот куп Бетис го повтори 20 години подоцна, кога загуби од Челси, кој таа сезона го освои трофејот во КПК. Двата тима меѓу себе играа и во Лигата на шампионите (ЛШ) во сезоната 2005/2006. Бетис еднаш бил првак на Шпанија и трипати бил победник во домашниот Куп.
Ова е прво европско финале за Бетис, но има многу искуство во своите редови, на пример, 33-годишниот креативен играч за врска Иско (четирикратен европски првак со Реал Мадрид), 34-годишниот напаѓач Седрик Бакамбу и тренерот Мануел Пелегрини, кој го познава англискиот фудбал (ја освои титулата во Премиер-лигата како тренер на Манчестер сити во 2014 година, а подоцна беше на чело на Вест хем, кога тренерот на Челси, Енцо Мареска му беше помошник), пишува УЕФА. Бетис во своите редови има и победник во Конференциската лига, плејмејкерот Пабло Форналс (со Вест хем во 2023 г.).
– Моето лично задоволство се подразбира. Многу ме прави посреќен што ја гледам радоста на навивачите на Бетис. Чувствувавме малку одговорност да им дадеме на навивачите нешто вакво за да слават. Многу сме среќни што сме во финалето, а уште повеќе што играме со Челси. На Мареска одамна му испратив порака дека сум многу среќен поради него – рече Пелегрини, пренесе УЕФА.
Челси, кој во Европа дебитира во 1958 година, е во групата клубови што ги освоија сите европски купови до формирањето на Конференциската лига, и тоа Купот на шампионите (сега ЛШ), КПК, Купот на УЕФА (сега Лига Европа) и Суперкупот на УЕФА. Во тој трофеен клуб се и Јувентус, Ајакс, Баерн и Манчестер јунајтед. Вечерва англискиот премиерлигаш може да стане првиот клуб што победил во сите купови на УЕФА. Клубот од Лондон досега по двапати беше европски првак (2012 и 2021 г.), победник во КПК (1971 и 1998), Лига Европа (2013 и 2019) и во Суперкупот (1998 и 2021 година).
Мареска, кој почна како тренер во младинските тимови во Манчестер сити под водство на Пеп Гвардиола, играше под раководството на Пелегрини како плејмејкер во Малага во сезоната 2011/2012, а потоа му беше помошник на Чилеанецот во Вест хем од сезоната 2018/2019, пишува УЕФА.
Челси има многу млади таленти, но јадрото релативно искусни играчи беа централни за успесите во нокаут-фазата во Конференциската лига, како левиот бек Марк Кукуреља, плејмејкерите Кирнан Дјузбери-Хол, Џејдон Санчо и Кристофер Нкунку, пишува УЕФА. Капитенот Рис Џејмс беше европски првак со Челси, Енцо Фернандез светски шампион со Аргентина, Кукуреља европски првак со Шпанија…
– Ја запознав сопругата во Севилја, таа е од Севилја. Мојот прв син се роди во Севилја. Играв за Севилја, но без сомнение сакам да победам во финалето. Можеме да им дадеме шанса на овој клуб и на овие навивачи да бидат прв клуб во Европа што ги освоил сите купови на УЕФА. Конференциската лига е почетна точка за да се изгради победнички менталитет, а потоа да се обидеме да освоиме повеќе титули – рече Мареска, пренесе УЕФА. Н.М.