Фото: ЕПА

Ова е третиот најголем трансфер во историјата на фудбалот, по оние на Килијан Мбапе (180 милиони евра) и на Нејмар (222 милиони евра)

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР ЛИГА

Се чувствувам неверојатно. Беше долго патување за да се стигне до ова место. Но исклучително сум среќен што сум дел од овој тим и сѐ што тој претставува. Горд сум и се радувам, рече поранешниот играч на Њукасл, Александер Исак (25), по потпишувањето на договорот со Ливерпул, во кој ќе го носи дресот со број девет, објави веб-страницата на клубот Ливерпул.
Станува збор за шестгодишен договор, а Ливерпул платил 144 милиони евра за Швеѓанецот Исак, што е најголема продажба во историјата на Њукасл. Исак дојде во Њукасл во август 2022 година од Реал Сосиедад, а оттогаш има вкупно 109 настапи и 62 гола за англискиот клуб. Лани тој беше втор најдобар стрелец во Премиер лигата со 23 гола на 34 меча, а беше избран и во идеалниот тим на лигата.
Ова е третиот најголем трансфер во историјата на фудбалот, зад оние на Французинот Килијан Мбапе (180 милиони евра) и на Бразилецот Нејмар (222 милиони евра). Рекордот во Британија досега го држеше Аргентинецот Енцо Фернандес, кој пред две години мина во Челзи за 121 милион евра.
Според „Трансфермаркт“, Ливерпул ги реализира и трите најскапи трансфери во летниот преоден рок годинава. Исак е на првото место, Германецот Флоријан Вирц е на второто место (125 милиони евра), а Французинот Хуго Екитике е на третото место (95 милиони евра). Истовремено Ливерпул стана првиот тим во историјата што платил повеќе од 100 милиони евра за двајца фудбалери во еден преоден рок. „Црвените“ имаат голем удел во рекордните 3,5 милијарди евра потрошени за трансфери од страна на англиските премиерлигаши. Г.И.