Божиноски е некогашен фудбалер на Металург, кој од лани игра за Рудар од Плевља од Црна Гора. „Пред сѐ амбициите се да му помогнам на клубот да се врати во Првата лига. Постигнав три гола и три асистенции на 14 натпревари сезонава. Пропуштив седум натпревари поради повреда, но сега е сѐ во ред и се надевам на уште подобар ефект, со кој ќе дадам свој придонес за екипата во борбата за првата позиција на табелата. Желба ми е еден ден да заиграм во некој европски клуб и да бидам дел од А-репрезентацијата. Мислам дека имаме шанси во оваа група, имаме квалитетни поединци што можат да направат разлика. Истото мислење го имам и за репрезентацијата на Црна Гора. Им посакувам среќа и на двете селекции, изјави Божиноски
АНТОНИО БОЖИНОСКИ, МАКЕДОНСКИ ФУДБАЛСКИ ИНТЕРНАЦИОНАЛЕЦ
Енергичен, динамичен, брз, со добар преглед на игра. Неговиот дрес со бројот 17 најчесто може да се види на средината на теренот, во улога на играч за врска, но знае и да ги тресе противничките мрежи. На 10-годишна возраст се зачленува во скопски Металург, потоа настапува за неколку други македонски клуба, како и за младинската репрезентација на Македонија (до 18 години), за потоа да заигра во странство. Македонскиот интернационалец Антонио Божиноски (25) од јули минатата година ги брани клупските бои на Рудар од Плевља, клуб што се натпреварува во Втората лига на Црна Гора, со шанси за влез во прволигашкото друштво.
– Фудбалските почетоци ми се во локалната фудбалска школа Нова Колонија. Потоа, на 10-годишна возраст се зачленив во скопски Металург, каде што го стекнав сето фудбалско знаење и имав шанса и слобода да го покажам мојот талент. Продолжив во Работнички, каде што, исто така, бев добро прифатен и имав можност да се докажувам. Во младинските категории последен клуб ми беше Вардар, со кој го освоив Купот на Македонија. Но не добив шанса во првиот тим. Една полусезона бев во Маџари и потоа заминав во Силекс, каде што го повредив коленото, по што следуваше пауза од осум месеци, а потоа и време за да ја достигнам вистинската форма. Во Скопје добив шанса да играм стандардно во Првата лига, стекнав искуство, а останав две години, по што се одлучив за нов чекор во кариерата и потпишав за Рудар од Црна Гора. Од самиот почеток бев добро прифатен во клубот, а тоа многу ми помогна брзо да се приспособам на новата средина. Договорот ми истекува во јули годинава. Пред сѐ амбициите се да му помогнам на клубот да се врати во Првата лига, а за следениот чекор ќе одлучам заедно со мојата менаџерска агенција. Од почетокот на првенството се очекуваше ние и екипата на Младост ДГ да се бориме за првото место, кое води директно во Првата лига. Тие моментално имаат пет бода повеќе од нас и натпревар помалку.
Во меѓусебните дуели сме поуспешни, со два нерешени дуела и победа на домашен терен со 3-0. Имаме уште еден меѓусебен меч и ќе дадеме сѐ од себе да го освоиме првото место и директно да влеземе во Првата лига. За Рудар постигнав три гола и реализирав три асистенции на 14 натпревари сезонава. Пропуштив седум натпревари поради повреда, но сега е сѐ во ред и се надевам на уште подобар ефект, со кој ќе дадам свој придонес за екипата во борбата за првата позиција на табелата – ни изјави Божиноски.
Каква е тамошната лига, каков фудбал се игра и колку е посетен од публиката во однос на македонскиот?
– Нема некоја разлика во квалитетот на лигите во Црна Гора и во Македонија, но тука има поголема посетеност на стадионите, а секој натпревар се пренесува на ТВ-екраните. Ако се играат истовремено повеќе, тогаш има мултипренос, во зависност од важноста на самиот меч – рече македонскиот интернационалец.
Македонија ги почна квалификациите за пласман на Светското првенство со победа на мечот со Лихтенштајн, а Црна Гора на дуелот со Гибралтар. Какви се шансите на двете репрезентации?
– Мислам дека имаме шанси во оваа група, имаме квалитетни поединци што можат да направат разлика. Истото мислење го имам и за репрезентацијата на Црна Гора. Им посакувам среќа и на двете селекции – рече Божиноски, кој за репрезентацијата на Македонија до 18 години има два настапа.
Која е вашата желба во фудбалот?
– Желба ми е еден ден да заиграм во некој европски клуб и да бидам дел од македонската А-репрезентација – рече Божиноски.