ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026
Македонската фудбалска репрезентација ги продолжува подготовките за претстојните дуели, со контролни натпревари против Саудиска Арабија в четврток во Прага и против Лихтенштајн в недела (18 ч.) во Скопје, во рамките на квалификациите за Светското првенство (СП) 2026. Вчера се очекуваше националниот состав да биде комплетен со пристигнувањето на Елиф Елмас, повратникот во Наполи, и Дарко Чурлинов, кој игра во турски Коџаелиспор.
Македонскиот одбранбен репрезентативец Бојан Илиевски смета дека контролниот меч во Прага може да биде корисен од аспект на можеби нови комбинации во играта, а дуелот со Лихтенштајн особено важен.
– Имаме позитивна серија, кога нешто е добро, не би требало да се менува и треба да продолжиме да работиме како и досега. Добро се подготвуваме, ќе ни биде од корист и пријателскиот натпревар со Саудиска Арабија, можеби да се пробаат некои нови комбинации, а со Лихтенштајн се надевам дека ќе продолжиме позитивно и во квалификациите. Тој натпревар е многу важен, јавноста можеби нѐ смета нас за фаворити, но покажавме дека и ние кога на хартија не сме фаворити, како против Белгија и Велс, можеме да изненадиме. Истото тоа може да се случи и против Лихтенштајн, затоа тој меч е особено битен за нас – вели Илиевски, пренесе ФФМ. Г.И.