Фото: Маја Јаневска-Илиева

ФУДБАЛ

Со ексклузивната недела, со натпревари в среда и в четврток, почнува 54-та сезона на Лига Европа (ЛЕ), 16-та на клупското фудбалско натпреварување откако е ребрендирано од поранешниот Куп на Европската фудбалска унија (УЕФА) и прва според новиот формат. Лигата на шампионите почна (ЛШ) минатата недела, а идната недела на програмата се и првите мечеви на Конференциската лига.

Најголемата промена, како и во Лигата на шампионите, е во групната фаза, која ќе стане единствена лигашка фаза од 36 екипи. Секој тим ќе игра со осум различни екипи (по четири дома и на гости), најдобрите осум екипи ќе играат во осминафиналето, а тие што ќе бидат од деветтото до 24-то место ќе настапат во плејофот за пласман меѓу 16-те најдобри сезонава во Лига Европа, пишува УЕФА.
Седум домашни победници на куповите се пласираа автоматски во лигашката фаза, заедно со пет други тимови врз основа на пласманот во домашното првенство, потоа победникот на Конференциската лига од минатата сезона (Олимпијакос), 12 екипи влегоа во лигашката фаза преку плејофот на Лига Европа, како и 11 поразени тимови од плејофот на Лигата на шампионите.

И сезонава победникот на Лига Европа ќе добие директен пласман во првата фаза на Лигата на шампионите за идната сезона, доколку не се пласирал преку соодветното домашно натпреварување, а освојувачот на трофејот ќе добие и право да игра со новиот европски првак во Суперкупот на Европската фудбалска унија в година.
Лига Европа, прво коло: АЗ Алкмар – Елфсборг, Бодо/Глимт – Порто, Динамо Киев – Лацио, Митјиланд – Хофенхајм, Галатасарај – ПАОК, Манчестер јунајтед – Твенте, Ница – Сосиедад, Лудогорец – Славија Прага, Андерлехт – Ференцварош (сите в среда), Фенербахче – Унион СГ, Малме – Ренџерс, Ајакс – Бешикташ, Рома – Атлетик Билбао, Ајнтрахт Франкфурт – Плзен, ФЦСБ – РФС, Лион – Олимпијакос, Брага – Макаби Тел Авив, Тотенхем – Карабах (сите в четврток). Н.М.