АНАЛИЗА НА БУНДЕСЛИГАТА
- Не е тајна дека Кејн сака да оди длабоко за да ја добие топката и да влијае не само преку ефикасните завршници на акции туку и преку својата фантастична визија. Големото дерби со Борусија неодамна само дополнително го истакна комплетниот напаѓач на Англија, пишува Бундеслигата
Хари Кејн беше едноставно незапирлив за Баерн досега сезонава, а победата во големото дерби со Борусија Дортмунд неодамна само дополнително го истакна комплетниот напаѓач на Англија, пишува Бундеслигата на својата интернет-страница.
Во отсуство на Џамал Мусиала, кој закрепнува од скршеница на ногата, Баерн беше принуден да бара алтернативи на позицијата број 10. Во поголемиот дел од сезонава, таа празнина ја пополни Серж Гнабри, при што 30-годишникот одигра неколку одлични настапи на својата нова улога. Сепак, поради повреда, тренерот Венсан Компани беше принуден да се сврти кон Кејн за да ја пополни празнината за време на победата со 2-1 на дербито, избор што се покажа како клучен за успехот на Баерн.
Не е тајна дека Кејн сака да оди длабоко за да ја добие топката и да влијае не само преку ефикасните завршници на акции, туку и преку својата фантастична визија. Против Борусија сите овие аспекти беа на виделина, плус неговата помалку позната одлична способност за дуел и одземање топка. Тоа беше настап на кој самиот Кејн изгледаше особено горд, велејќи: „Мислам дека ова беше еден од моите најдобри мечеви, веројатно во мојата кариера, да бидам искрен, во однос на влијанието врз играта на сите различни начини“, пренесе Бундеслигата.
Да се каже дека Кејн влијаел врз играта на мноштво различни начини е потценување, а еден поглед на топлотна мапа на напаѓачот на Англија кажува речиси сѐ за неговата изведба – тој беше насекаде, пишува Бундеслигата. Тој имаше еднаква веројатност да се појави во својот шеснаесетник, како и во противничкиот, а ги покажа својата смиреност под притисок и сензационалното око за додавање. За време на натпреварот тој комплетира девет од своите 10 долги додавања, вклучувајќи ја и совршената промена на играта што го ослободи Луис Дијаз во подготовките за победничкиот гол на Михаел Олисе.
Кејн стана толку ефикасен и комплетен сезонава што неговиот гол што го отвори резултатот од корнерот на Јозуа Кимих беше само фуснота, гол број 21 во сезоната во само 12 натпревари за клубот и за репрезентацијата, и 400-ти во неговата клупска кариера. Наместо тоа, настапот на Кејн најдобро се сумира во уште две помали акции што ги покажаа неговиот неверојатен глад и квалитет. Првата дојде во 11. минута, кога ја прими топката на работ од сопствениот шеснаесетник со грб кон голот под притисок. Кејн се заврте покрај Паскал Грос и Серху Гираси, за да го постави Конрад Лајмер во контранапад и да почне акција што речиси доведе до првиот гол. Вториот беше старт во 90. минута на работ од сопствениот шеснаесетник за да го спречи Фабио Силва да шутира. Тоа беше момент што доведе до една од најголемите овации од публиката на тој натпревар. Тоа беше и еден од 26-те дуели на Кејн на натпреварот, втор највисок вкупен број на теренот. Од тие дуели, тој победи со 62 отсто, уште една статистика што го рангира на второто место во натпреварот. Тој, исто така, имаше две чистења, покажувајќи колку многу може да помогне во одбраната, пишува Бундеслигата.
Можеби гледањето на деветката на Баерн во подлабока улога ќе стане почесто во годините што доаѓаат, и ако се споредува со настапот на дербито, тој сигурно ги има сите атрибути да остане на врвот на фудбалот со понатамошен развој, пишува Бундеслигата. Н.М.


































