Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

Истече рокот за пријава на играчите во ФИФА за планетарниот шампионат што почнува в недела, прв на кој ќе настапат 32 клуба

Составите се комплетирани за клупското Светско првенство (СП) во САД, кое почнува в недела, со мечот Ал Ахли – Интер Мајами (од 2 часот), откако завчера истече рокот за пријава на играчите во Светската фудбалска федерација (ФИФА). Планетарниот шампионат ќе биде прв на кој ќе настапат 32 клуба. Голем број ѕвезди ќе играат на СП, а во пресрет на првиот меч Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) направи избор на 11 големи имиња што треба да настапат на реформираното клупско СП.

– Лионел Меси (Интер Мајами) е трикратен светски клупски првак со Барселона. Тој е олимписки шампион од Пекинг во 2008 година и светски првак со Аргентина на СП 2022. Меси постигна пет гола во пет настапи на клупско СП, а сезонава е ефикасен и во МЛС-лигата на САД со 10 гола на 13 меча.

– Килијан Мбапе (Реал Мадрид), во својата дебитантска сезона во Мадрид освои еден светски трофеј, Интерконтиненталниот куп на ФИФА за 2024 година, заедно со Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА). Французинот ја освои европската награда „златна копачка“ за најдобар стрелец на континентот, но сега предизвикот е да се најави владеењето на Чаби Алонсо со враќање на повеќе трофеи во шпанската престолнина.

– Тиаго Силва (Флуминенсе) се врати во Флуминенсе во јули лани. Двократниот освојувач на олимписки медали од Бразил веќе го освои Светското клупско првенство, со Челси за изданието во 2021 година (одржано во 2022 година).

– Ерлинг Холанд (Манчестер сити) е еден од најефикасните напаѓачи во светот, а допрва треба да ја отвори својата сметка за голови во ова натпреварување. Норвежанецот ќе го предводи нападот на светскиот клупски првак од 2023 година, Манчестер сити, кој се среќава со италијанскиот гигант Јувентус во групната фаза.

– Хари Кејн (Баерн), капитен на репрезентацијата на Англија, го освои првиот трофеј во кариерата сезонава, предводејќи го Баерн до титулата во Бундес-лигата. Кејн постигна импресивни 38 гола на 46 настапи сезонава за германскиот гигант.

– Серхио Рамос (Монтереј), светскиот првак со Шпанија во 2010 година, сега е капитен на мексиканската екипа Монтереј, а 39-годишниот дефанзивец е плоден стрелец од одбраната, постигнувајќи 144 гола во неговата сениорска кариера за клубовите и за репрезентацијата, пишува ИОК.

– Усман Дембеле (Пари сен Жермен) е еден од фаворитите за „златната топка“. Тој забележа две асистенции во победата во финалето на Лигата на шампионите на дуелот со Интер. ПСЖ е меѓу фаворитите, а наедно е и првиот француски тим што ќе игра на клупско СП.

– Јасин Боно (Ал Хилал), десет години откако стана олимпиец во Лондон во 2012 година, Боно влезе во историјата бидејќи Мароко стана првата африканска репрезентација што стигнала до полуфиналето на Светското првенство за мажи, пишува ИОК.

– Кол Палмер (Челси) беше откритие откако пристигна во западен Лондон, постигнувајќи двоцифрен број голови во две сезони по ред во Премиер-лигата и им помогна на Сините да ја освојат Конференциската лига во мај годинава.

– Хулијан Алварез (Атлетико Мадрид) го имаше олимпиското деби за Аргентина во Париз во 2024 година, стигна до четврт-финалето и оттогаш е откритие по приклучувањето на Атлетико од Мадрид. Неговите 29 гола сезонава се најмногу од еден играч на Атлетико, кои ќе му треба да ги пренесе во САД пред големите групни натпревари против европскиот шампион ПСЖ и победникот на бразилската лига Ботафого.

– Естевао Вилијан (Палмеирас), 18-годишниот играч ќе му се приклучи на Челси за новата сезона, но на СП ќе игра за Палмеирас. Со навивачи низ светот што ги гледаат ѕвездите на шоуто во САД, Естевао ќе ужива во можноста да игра заедно со нив на Светското клупско првенство, пишува ИОК.
Во состави на некои од екипите за кои се објавени играчите се и, на пример, Антоан Гризман, Јан Облак, Мануел Ноер, Лирој Сане, Томас Милер, Серж Гнабри, Серху Гираси, Карим Адејеми, Маркињос, Дезире Дуе, Луис Суарез, Жорди Алба, Винисиус Жуниор, Тибо Куртоа, Дани Карвахал, Лука Модриќ, Трент Александер Арнолд, Давид Алаба, Оливие Жиру, Иго Лорис, Единсон Кавани…, а меѓу тренерите, на пример, Хавиер Маскерано, Диего Симеоне, Луис Енрике, Пеп Гвардиола, Симоне Инѕаги, Чаби Алонсо… Н.М.