Фото: ЕПА

Тимовите на Гасперини веднаш се препознатливи по нивната флуидност, немилосрдните напади и интензивниот и агресивен пресинг. Неговата способност да го искористи потенцијалот на своите играчи додека останува верен на своите фудбалски идеали го обезбеди успехот на Аталанта. Гасперини научи да прифаќа дека колку подобро му оди, толку побрзо ги губи своите најдобри фудбалери, а тој се враќа на почеток на речиси секоја сезона, предавајќи, развивајќи ги и пренесувајќи ги своите фудбалски идеали

ФУДБАЛ

Во петте години пред доаѓањето на Џан Пјеро Гасперини во 2016 година, Аталанта никогаш не беше во првата половина на табелата во италијанската фудбалска Серија А, а 11-то место во 2014 година беше најдобриот пласман. Но од 2016 година, Аталанта никогаш не беше под осмото место, редовно влегувајќи на првите четири позиции и така обезбедувајќи место во Лигата на шампионите.
Гасперини е потценет, но дали тој е еден од најголемите италијански тренери на нашето време, а, на крајот на краиштата, тој има голема конкуренција, Карло Анчелоти освои сѐ што може да се освои во клупскиот фудбал, Антонио Конте, Масимилијано Алегри и Симоне Инѕаги постојано создаваа победнички тимови што го обезбедија своето место во историјата, пишува „Би-би-си“. Тренерот на Лацио, Марко Барони, нема дилеми: „Според мене, Аталанта, без непочитување кон другите, го има најдобриот тренер во последната деценија во Италија и вистинска референтна точка за толку многу тренери“, пренесе „Би-би-си“.
Гасперини научи да прифаќа дека колку подобро му оди, толку побрзо ги губи своите најдобри фудбалери, а тој се враќа на почеток на речиси секоја сезона, предавајќи, развивајќи ги и пренесувајќи ги своите фудбалски идеали.
Во ноември лани деветта сезона по ред беше објавено дека Аталанта ги затворила своите сметки со профит, пишува „Би-би-си“. Откако Антонио Перкаси стана претседател во 2010 година, клубот има речиси 600 милиони евра капитална добивка, а над 400 милиони евра од тие дојдоа кога Гасперини беше назначен за тренер, што докажува колку добро тренерот ги развил играчите во ѕвезди посакувани од најголемите европски клубови. Под водство на Гасперини, Аталанта продаде мноштво таленти за значителни суми, како, на пример, Расмус Хојлунд во Манчестер јунајтед, Теун Купмајнерс во Јувентус, Кристијан Ромеро, Дејан Кулушевски… Клубот добро компензира на способноста на Гасперини да извлече талент и посветеност од талентирани млади играчи.
– Работев со тренери како Мурињо, Анчелоти и Рафа Бенитез, но никој не е како Гасперини. Тој ме научи толку многу на човечко, техничко и тактичко ниво – рече Тиаго Мота во 2016 година кога уште беше играч на Пари сен Жермен, пренесе „Би-би-си“.
Како тактички гениј, тимовите на Гасперини веднаш се препознатливи по нивната флуидност, немилосрдните напади и интензивниот и агресивен пресинг, а Аталанта, всушност, изгледа дека е потешко да се победи секоја сезона, дури и кога се игра на секои три дена.
– Немаме премногу мисли што ни се вртат во главата. Играме малку како деца, со чувство на слобода – објаснува Гасперини.
Неговата способност да го искористи потенцијалот на своите играчи додека останува верен на своите фудбалски идеали го обезбеди успехот на Аталанта. Играчите се чувствуваат сигурни, охрабрени да им верува на своите инстинкти, но и свесни дека животот е тежок под Гасперини.
– Никогаш немав видено толку интензивни претсезонски тренинзи како кај Гасперини со Аталанта. Имаше моменти кога мислев дека едноставно не можам да го направам тоа. Ќе почекав 30 секунди и потоа ќе одев повторно – рече Дуван Запата.
Сезонава Аталанта не беше обврзана да продава и се бореше да задржи фудбалери како Адемола Лукман, откако го загуби Купмајнерс. Сакаа да растат како тим и како клуб. Сепак, со неколку повреди со кои требаше да се бори, Гасперини беше незадоволен поради тоа што имаше некомплетен тим во почетокот на сезоната, но, кога пристигнаа новите трансфери тимот ја докажа својата конкурентност со победа на 11 натпревари по ред во Серија А. Матео Ретеги пристигна од Џенова и веќе е најдобар стрелец во Серија А со 14 гола, таква е способноста на Гасперини да создава голгетери, пишува „Би-би-си“.
Аталанта може да ја освои Серија А? Пред нивниот пораз од Наполи минатиот викенд, многумина во Италија веруваа дека имаат шанса. Аталанта останува на третото место, седум бода помалку од Наполи и четири помалку од Интер, кој има натпревар помалку. Со оглед на тоа што остануваат многу натпревари за играње, рано е да престане да се верува. Засега Гасперини се подготвува да собере повеќе бодови во Лигата на шампионите. Н.М.