Почна рочиштето пред Европскиот суд на правдата. На едната страна е Европската суперлигашка компанија, на другата УЕФА и ФИФА, а конечната одлука се очекува кон крајот на годинава или во почетокот на идната

Случајот со европската фудбалска суперлига неделава стигна до највисокиот европски суд, пишува британскиот дневен весник „Индепендент“. Таа беше основана во април минатата година, но пропадна во рок од 72 часа откако се повлекоа девет од првичните 12 вклучени клуба. Тие што стојат зад суперлигата тврдат дека управните тела на европскиот и на светскиот фудбал, Европската фудбалска унија (УЕФА) и Светската фудбалска федерација (ФИФА), ја злоупотребиле доминантната позиција според европскиот закон за конкуренција, прво блокирајќи го формирањето на суперлигата, а потоа и со нивните напори да ги санкционираат вклучените клубови, пишува „Индепендент“.
Седумнаесеттиот трговски суд во Мадрид го предаде предметот до Европскиот суд на правдата (ЕСП) во мај минатата година. На едната страна е Европската суперлигашка компанија, на другата се УЕФА и ФИФА, а откако рочиштето ќе заврши (предвидено за синоќа), следен чекор е објавување мислење од генералниот правобранител, судија поврзан со судот, кое не се очекува да биде објавено до септември и кое е необврзувачко, но многу често конечната одлука на судот, која доаѓа подоцна, има сличности со него, па може да биде показател за тоа каков ќе биде крајниот исход, пишува „Индепендент“.
Во просек, предметите траат над 16 и пол месеци од поднесок до правосилна пресуда, а поднесокот во овој случај е направен во мај лани. Во средиштето на случајот се три клуба, Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, кои и понатаму го поддржуваат концептот на суперлигата, пишува „Индепендент“.