Фудбалери што доминираа на некои претходни светски првенства

Клучни за успесите на соодветните репрезентации на мундијалите беа, на пример, Пеле, Роналдо, Кемпес, Марадона, Роси, Зидан…

Аргентина синоќа играше со Франција во финалето на годинашното фудбалско Светско првенство (СП), а Лионел Меси и Килијан Мбапе ги инспирираа своите репрезентации во текот на изминатиот месец на Мундијалот во Катар. На некои претходни планетарни шампионати одредени фудбалери беа клучни за успесите на соодветните репрезентации. Во продолжение издвојуваме некои од нив, во избор на „Би-би-си“.
ПЕЛЕ, БРАЗИЛ, 1958 ГОДИНА: Пеле имаше само 17 години кога Бразил настапи на СП 1958 во Шведска, во трката по првата титула. Тој не играше на воведните два меча на Бразил, но напаѓачот потоа импресионира во победата со 2-0 на мечот со Советскиот Сојуз и го постигна единствениот гол во победата со 1-0 над Велс во четврт-финалето. Оттогаш Пеле беше незапирлив, постигна хет-трик во победата со 5-2 во полуфиналето со Франција и уште два гола во победата со 5-2 со Шведска во финалето, вклучувајќи го и брилијантниот потег кога ја префрли топката над дефанзивецот, а потоа со волеј ја погоди мрежата. Тоа е првата од трите светски титули за Пеле, иако тој настапи само на првите два меча во 1962 година, пред повредата, меѓутоа во 1970 година тој беше на својот врв, постигнувајќи четири гола, вклучувајќи го и првиот на Бразил во возбудливата победа со 4-1 над Италија во финалето.

МАРИО КЕМПЕС,
АРГЕНТИНА, 1978 ГОДИНА: Аргентина двапати го освои СП и во двата наврата еден играч одигра огромен удел во триумфот. Во 1978 година, на домашен терен, тоа беше Марио Кемпес. Напаѓачот на Валенсија беше најдобар стрелец во Ла лига две сезони едноподруго и беше единствениот фудбалер во тимот на Аргентина што не го играше домашното првенство. Кемпес не постигна гол во првата групна фаза, но во втората блесна со двата гола во победата со 2-0 над Полска, како и со првиот и третиот во победата над Перу со 6-0. Тоа ја однесе Аргентина во финалето и Кемпес постигна уште два гола, во победата со 3-1 над Холандија во Буенос Аирес, и не само што ѝ помогна на својата репрезентација да го постигне првиот успех на светските првенства туку и заврши како најдобар стрелец на турнирот и најдобар фудбалер.
ПАОЛО РОСИ, ИТАЛИЈА, 1982 ГОДИНА: Одејќи на СП 1982 во Шпанија, италијанскиот напаѓач Паоло Роси само што се врати на теренот по двегодишната забрана за настап по скандалот со местење натпревари во Серија А, пишува „Би-би-си“. По лошиот старт, напаѓачот блесна против Бразил, постигнувајќи брилијантен хет-трик во мечот што Италија мораше да го добие за да се пласира во полуфиналето. Потоа следуваа два гола во победата со 2-0 во полуфиналето со Полска и го постигна првиот за Италија во победата во финалето со 3-1 над Западна Германија. Роси ги освои „златната копачка“ како најдобар стрелец и „златната топка“ за најдобар фудбалер на турнирот.

ДИЕГО МАРАДОНА,
АРГЕНТИНА, 1986 ГОДИНА: Капитенот Диего Марадона во 1986 година во Мексико ѝ помогна на Аргентина да го освои своето второ СП. Првиот гол го постигна против Италија, во ремито 1-1 за првото место во групата. Во четврт-финалето тој постигна два гола и ја елиминира Англија, со 2-1. Првиот гол беше кога Марадона ја удри топката со рака покрај голманот Питер Шилтон, но вториот се смета за еден од најдобрите голови на СП на сите времиња, бидејќи тој ја зеде топката во својата половина, продуцирајќи неверојатни дриблинзи низ одбраната на Англија и совладувајќи го Шилтон, пишува „Би-би-си“. Потоа следуваа уште два прекрасни гола во полуфиналето за 2-0 со Белгија, а потоа беше клучен во драматичната победа во финалето со 3-2 над Западна Германија. Со по пет гола и асистенции, Марадона беше добитник на „златната топка“ за најдобар играч на тоа СП.

ЗИНЕДИН ЗИДАН,
ФРАНЦИЈА, 1998 ГОДИНА: Плејмејкерот Зинедин Зидан имаше одличен почеток на СП 1998 во Франција, со асистенција за првиот гол на Франција на турнирот, а беше важен за водството против Саудиска Арабија, но подоцна беше исклучен и го пропушти третиот меч на Франција во групата со Данска, како и тој во победата со 1-0 во продолженијата над Парагвај во осминафиналето. Но тој се врати во голем стил, постигнувајќи гол во пенал-рулетот за победа над Италија во четврт-финалето, а потоа ѝ помогна на својата репрезентација да победи со 2-1 во полуфиналето со Хрватска. Во финалето Зидан постигна два гола со глава во победата со 3-0 над Бразил, а неговите игри му донесоа место во тимот на турнирот.

РОНАЛДО, БРАЗИЛ, 2002 ГОДИНА: Тоа финале во 1998 година се очекуваше да биде најголемиот момент за бразилскиот напаѓач Роналдо. Првично не беше именуван во составот, сепак заигра, но не успеа да влијае во поразот од Франција со 3-0. Повредата на коленото во 1999 година се закануваше да ја заврши неговата кариера, но она што следуваше беше една од најголемите фудбалски приказни за враќање на терените, пишува „Би-би-си“. На СП 2002 во Јужна Кореја и во Јапонија, Роналдо беше сензационален, бидејќи зад себе го остави својот кошмар од четири години претходно, со осум гола на седум меча. Тој постигна четири гола во трите средби во групата, потоа еден во победата со 2-0 во шеснаесеттинафиналето над Белгија, единствениот гол во полуфиналниот успех со 1-0 со Турција и двата во победата со 2-0 над Германија во финалето. Роналдо беше најдобар стрелец и оттогаш ниту еден играч нема постигнато повеќе голови на СП, иако и Меси и Мбапе останаа во конкуренција за тоа годинава.