Фокус на Фудбалскиот технолошки центар е генерирање алгоритми за автоматизирање на откривањето настани на теренот за оптимално донесување одлуки, пишува ФИФА
Светската фудбалска федерација (ФИФА) и „Хок-ај иновејшнс“ ги здружија силите за да основаат Фудбалски технолошки центар, заедничко вложување што ќе ги истражува и развива новите технологии во фудбалот, со фокус на генерирањето алгоритми за автоматизирање на откривањето настани на теренот за оптимално донесување одлуки, пишува ФИФА.
– Ова заедничко вложување е само уште еден пример за степенот до кој ФИФА ја користи употребата на технологија за да ги оптимизира фудбалските операции и да игра водечка улога во технолошкиот развој во корист на нашите 211 асоцијации членки. Тоа ќе има позитивно влијание за фудбалот, бидејќи ќе помогне да се автоматизира обезбедувањето вредни информации, да се олесни донесувањето одлуки и да се подобри фудбалското искуство за сите засегнати страни – рече генералниот секретар на ФИФА, Матијас Графстром.
Покрај автоматското собирање податоци за настаните, поврзувањето ќе вклучи развој на автоматизирана технологија за одредување офсајд, која веднаш им обезбедува конзистентни и точни информации на официјалните лица на натпреварите, со што ќе помогне дополнително да се забрза процесот на донесување одлуки за случаи со офсајд. Овие апликации и други идни случувања насочени кон подобрување на ефективноста на фудбалските операции ќе бидат достапни за пошироката фудбалска заедница, пишува ФИФА.
– Со оглед на високонатпреварувачката природа на фудбалот и постојаната еволуција во спортската технолошка индустрија, „Хок-ај“ продолжува да ја разгледува иднината со стратегиски пристап. Ние сме неверојатно горди што соработуваме со ФИФА на ова заедничко вложување, за да продолжиме да создаваме иновативни решенија што ќе ја направат убавата игра поразбирлива, прецизна, фер и возбудлива за сите на сите нивоа на фудбалот. Создавањето на Фудбалскиот технолошки центар е природна еволуција на нашиот однос со ФИФА и ќе ги искористи технологијата и вештачката интелигенција за да го отвори патот за иднината на фудбалското судење, перформансите и ангажманот на гледачите – рече Руфус Хак, главен извршен директор на „Хок-ај“, пренесе ФИФА.
Двете организации соработуваат од 2017 година за да ја оптимизираат употребата на фудбалски технологии на неколку турнири на ФИФА, со цел да се подобрат работата, интегритетот и правичноста на играта, а истражувањето на постојните и новите технологии за позитивно влијание на спортот останува една од клучните цели на ФИФА како дел од нејзините стратегиски цели за глобалната игра: 2023-2027 година, пишува ФИФА. Н.М.