Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС

  • Бразил седми пат во низа има првак на Јужна Америка, а Фламенго е првиот тим од таа земја со четири титули

Фламенго стана првиот бразилски тим што ја освои јужноамериканската фудбалска титула четири пати, со победа на дуелот со Палмеирас со 1-0, во Лима (Перу), во финалето на годинашниот Копа либертадорес, пишува „Би-би-си“. Поранешниот дефанзивец на Реал Мадрид, Манчестер сити и на Јувентус, Данило, го постигна победоносниот гол во 67. минута, а тимот на тренерот Филипе Луис излезе како победник.
Данило стана првиот фудбалер што освои две титули во Копа либертадорес и две титули во Лигата на шампионите, пишува „Би-би-си“. Тој беше европски првак со Реал Мадрид во 2016 и во 2017 година, а првак на Јужна Америка со Сантос во 2011 година и годинава со Фламенго. Фудбалерот од средниот ред Жоржињо, кој ја освои Лигата на шампионите со Челси во 2021 година, се приклучи на листата со играчи што биле клупски прваци на Европа и на Јужна Америка.
Во пет од претходните седум сезони или Палмеирас или Фламенго го освојуваа трофејот во Копа либертадорес. Бразил седми пат во низа има првак на Јужна Америка, откако титулите ги освојуваа и Флуминенсе и Ботафого.
Луис стана деветтиот човек што победил во натпреварувањето и како фудбалер и како тренер, откако го освои трофејот двапати со Фламенго, во 2019 и во 2022 година, пишува „Би-би-си“. Двете екипи се сретнаа во финалето во 2021 година, кое го доби Палмеирас, со 2-1.
Со освоената титула за 2025 година, Фламенго се пласира на Интерконтиненталниот куп годинава и на клупското Светско првенство во 2029 година. Н.М.


НАЈТРОФЕЈНИ ТИМОВИ ВО КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС

Индепендиенте 7
Бока јуниорс 6
Пењарол 5
Ривер плата 4
Естудијантес 4
Фламенго 4