ФУДБАЛ
- Изборот на ФИФПРО е единствената глобална фудбалска награда за која гласаат исклучиво професионални фудбалери, а за годинашниот
избор гласаа повеќе од 26.000 играчи од 68 земји
Луси Бронз од Англија рекорден осми пат е именувана во планетарниот прв тим со 11 фудбалерки во избор на Светскиот синдикат на фудбалери (ФИФПРО), а напаѓачот на Барселона, Ламин Јамал, стана најмладиот фудбалер што е избран во тимот за мажи, пишува „Би-би-си“.
Членката на Челси, Бронз, е една од шесте фудбалерки на Англија во светскиот тим за жени. Во тој тим се и Клое Кели и голманката на Челси, Хана Хемптон, кои првпат се во тој светски тим, во кој се и капитенката на Англија, Леа Вилијамсон, и напаѓачката Алесија Русо, кои ѝ помогнаа на репрезентацијата на Англија да освои две европски титули по ред. Од Англија во тимот е Мили Брајт, која не играше на Европското првенство годинава.
На 18-годишна возраст, Шпанецот Јамал го собори рекордот на Килијан Мбапе од 2018 година, кога францускиот напаѓач влезе во најдобрата единаесетка на 19 години, пишува „Би-би-си“. Мбапе и годинава е во составот, како и англиските играчи од средниот ред Кол Палмер и Џуд Белингам. Во тимот доминираат играчи од европскиот првак Пари сен Жермен, со петмина играчи, пишува „Би-би-си“.
Изборот на ФИФПРО е единствената глобална фудбалска награда за која гласаат исклучиво професионални фудбалери, а за годинашниот избор гласаа повеќе од 26.000 играчи од 68 земји, пишува ФИФПРО. Секој играч избра тројца фудбалери во четирите позициски категории: голман, дефанзивец, плејмејкер и напаѓач, по што голманот и по тројца дефанзивци, играчи од средниот ред и напаѓачи со најмногу гласови се избрани во најдобрите 11, а 11. место му припадна на следниот вкупно највисокорангиран играч, пишува ФИФПРО.
Најдобри 11, фудбалери: голман: Џанлуиџи Донарума (Италија, Пари сен Жермен/Манчестер сити); одбрана: Вирџил ван Дајк (Холандија, Ливерпул), Ашраф Хакими (Мароко, ПСЖ), Нуно Мендес (Португалија, ПСЖ); среден ред: Џуд Белингам (Англија, Реал Мадрид), Кол Палмер (Англија, Челси), Педри (Шпанија, Барселона), Витиња (Португалија, ПСЖ); напад: Усман Дембеле (Франција, ПСЖ) Килијан Мбапе (Франција, Реал Мадрид), Ламин Јамал (Шпанија, Барселона).
Најдобри 11, фудбалерки: голманка: Хана Хемптон (Англија, Челси); одбрана: Она Батле (Шпанија, Барселона), Мили Брајт (Англија, Челси), Луси Бронз (Англија, Челси), Леа Вилијамсон (Англија, Арсенал); среден ред: Аитана Бонмати (Шпанија, Барселона), Гизлејн Чебак (Мароко, Бадалона/Ал Хилал), Алексија Путелас (Шпанија, Барселона); напад: Барбра Банда (Замбија, Орландо Прајд), Клои Кели (Англија, Манчестер сити/Арсенал), Алесија Русо (Англија, Арсенал). Н.М.

































