Фото: ЕПА

Една милијарда долари е паричната награда за Светското клупско првенство годинава. „Сите приходи генерирани од турнирот ќе им бидат распределени на клубовите учесници и преку клупска солидарност низ целиот свет, бидејќи ФИФА нема да задржи ниту еден долар“, рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино

ФУДБАЛ

Цврстата финансиска основа на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за развој на фудбалот низ светот го зазеде централното место на состанокот на Советот на ФИФА, кој едногласно го одобри годишниот извештај за 2024 година, вклучително и ревидираната цел на буџетските приходи од 13 милијарди долари за циклусот 2023-2026 година, со што ќе се инвестираат речиси 90 проценти назад во фудбалот за значително да се поттикне глобалниот фудбалски развој, пишува ФИФА. Ревидираниот буџет вклучува приходи од две милијарди долари од долгоочекуваното клупско Светско првенство (СП) годинава, кое ќе постави нов репер за глобалниот клупски фудбал, со една милијарда долари распределени на клубовите учесници и обезбедување механизам за солидарност што ќе биде посветен на клупскиот фудбал низ светот, објави ФИФА.
– Светското клупско првенство не само што ќе биде врв на клупскиот фудбал туку и живописна демонстрација на солидарност што ќе им користи на големите клубови до размери што ниту едно друго натпреварување досега не го направило. Сите приходи генерирани од турнирот ќе им бидат распределени на клубовите учесници и преку клупска солидарност низ целиот свет, бидејќи ФИФА нема да задржи ниту еден долар. Резервите на ФИФА, кои се за глобален фудбалски развој, ќе останат недопрени. Истовремено, правиме рекордна инвестиција од речиси 2,3 милијарди долари во програмата „Форвард“ во текот на циклусот 2023-2026 година, што значи дека до 2026 година ќе ја ставиме на располагање невидената сума од 5,1 милијарди долари за развој на фудбалот, од 2016 година – рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Советот на ФИФА одлучи и првото издание на клупското Светско првенство за жени да се одржи во 2028 година (ќе се игра секои четири години) и ќе има натпреварувачки и инклузивен формат со вклучени 19 од најдобрите светски клуба, и тоа шест клуба ќе учествуваат во плејин-фазата, а трите победника ќе им се придружат на 13 други клуба во следната фаза, која ќе се состои од четири групи со по четири тима, од каде што првите две од секоја група ќе се пласираат во нокаут-фазата, пишува ФИФА, која ја одреди и распределбата на местата за инаугуративното издание (Азија, Африка, Северна Америка и Јужна Америка ќе имаат по две директни места и по еден во квалификациите, Европа ќе има пет директни места и еден во квалификациите, а Океанија едно место во квалификациите). Советот на ФИФА, исто така, го одобри создавањето куп на шампионите за жени (првото е предвидено за в година), на кое ќе играат шесте континентални прваци, во годините во кои не се одржува клупското Светско првенство за фудбалерки. Н.М.