- Светската фудбалска федерација вели дека скенирањето „дава многу прецизни димензии на делови од телото“ за да се донесат попрецизни одлуки за офсајд-ситуациите
Светската фудбалска федерација (ФИФА) планира да создаде 3Д-модели со вештачка интелигенција на секој фудбалер што ќе игра на Светското првенство (СП) годинава во САД, Мексико и во Канада, за да ја подобри полуавтоматизираната технологија за одредување офсајд на планетарниот турнир, пишува „Би-би-си“.
Ова ќе значи дека ќе има дигитално скенирање на сите 1.248 фудбалери во 26-члените репрезентации на 48-те селекции. Секој играч ќе влезе во комора за скенирање, нешто што треба да трае само една секунда, и треба да се направи само еднаш за време на фотосесијата пред почетокот на Мундијалот, пишува „Би-би-си“.
Светската фудбалска федерација вели дека скенирањето „дава многу прецизни димензии на делови од телото“ за да се донесат попрецизни одлуки за офсајд-ситуациите.
Се очекува ова да значи дека службените лица на турнирот ќе можат „сигурно да ги следат играчите за време на брзи или попречени движења“ и се вели дека конечните одлуки ќе бидат „прикажани пореално и на поангажирачки начин“, пишува „Би-би-си“.
Порано сезонава во англиската фудбалска Премиер-лига имаше контроверзии кога голот на Њукасл на натпреварот со Манчестер сити беше признаен. Рубен Дијас се чинеше дека скока во полуавтоматската графика за офсајд, а тоа не се совпаѓаше со телевизиските снимки од натпреварот, пишува „Би-би-си“.
Светската фудбалска федерација се надева дека со прецизно скенирање на секој фудбалер може да се подобри начинот на кој овие одлуки им се прикажуваат на гледачите. Технологијата беше тестирана во Интерконтиненталниот куп на Светската фудбалска федерација, при што фудбалерите на Фламенго и на Пирамидс беа скенирани пред нивниот натпревар во декември.
ФИФА минатиот месец објави дека тестира нова технологија што може да утврди дали топката излегла од игра пред да биде постигнат гол. Исто така, разви и „3Д во реално време“ за донесување одлуки за офсајд на самото место, пишува „Би-би-си“. Н.М.
































