Првите мечеви во Европа се утре, а Македонија в сабота игра на гости со Лихтенштајн, со која е во иста група во трет циклус квалификации за СП едноподруго. Досега само кодомаќините САД, Мексико и Канада имаат потврдено учество на Светското првенство, но наскоро ќе има репрезентации што преку квалификациите ќе го обезбедат настапот на планетарниот шампионат, откако квалификациите на другите континенти одамна се почнати
ФУДБАЛ
Европските квалификации за пласман на 23-то Светско првенство (СП) во фудбал в година, во САД, Мексико и во Канада, почнуваат утре, со шест меча во групите Г, Х и К, а Македонија во првото коло, в сабота (од 15 часот), гостува кај Лихтенштајн, во рамките на групата Ј. Квалификациите нема да почнат во сите групи во ист термин (мечевите во групите А, Б, Ц, Д и Ф ќе се играат од септември, поради учество на дел од репрезентациите во доигрувањето на Лигата на нации).
По средбата в сабота, за фудбалската репрезентација на Македонија во овој период претстои и натпреварот со Велс во Скопје, во вторник (од 20.45 часот). Во оваа група се и репрезентациите на Казахстан и на Белгија. Македонија досега играше во седум квалификациски циклуси за светските првенства, а досега најблиску до пласман беше во циклусот за СП 2022, кога играше во финалето на плејофот со Португалија, по освојувањето на второто место во својата квалификациска група и победата во полуфиналето на доигрувањето на дуелот со Италија.
Македонија досега со Лихтенштајн одигра 11 натпревари, а двете репрезентации ќе играат меѓу себе во трет циклус квалификации за светските првенства едноподруго. Тие беа во групата Ј и во минатите квалификации, за Мундијалот во 2022 година (Македонија победи со 5-0 дома и со 4-0 на гости), беа во иста група и во квалификациите за СП 2018 (4-0 дома, 3-0 на гости), како и во иста група од Лигата на нациите во 2017 година (4-1 дома, 2-0 на гости). Македонската репрезентација досега има вкупно 10 победи и еден нерешен резултат на дуелите со Лихтенштајн, со вкупна гол-разлика 42-5. Мечот в сабота е 12-ти помеѓу двете репрезентации, седми во квалификации за светски шампионат (претходно и за СП во 1998 година).
Европа првпат ќе има 16 селекции на СП, поради проширувањето на планетарниот шампионат од 32 на 48 земји учеснички. Првпат во почеток на циклус квалификациските групи не се комплетирани, бидејќи од исходот на четвртфиналните дуели на Лигата на нациите зависи која репрезентација во која од групите А, Ц, Д, Е, Ф, Г и И ќе игра (на пример, победникот на дуелот Италија – Германија ќе биде во групата А, со Словачка, Северна Ирска и со Луксембург и квалификациите ќе ги почне во септември, а поразениот во групата И, со Норвешка, Израел, Естонија и со Молдавија и првите средби ќе ги има во јуни).
На СП 2026 ќе се пласираат победниците на 12-те квалификациски групи. Во плејфоот, за уште четири места од Европа на Мундијалот в година, ќе настапат второпласираните 12 репрезентации и четирите најдобри меѓу победниците на групите од Лигата на нациите што не ги освоиле првите две места во квалификациските групи. Македонија е меѓу победниците на 12-те групи во Лигата на нациите.
Досега само кодомаќините САД, Мексико и Канада имаат потврдено учество на Светското првенство, но наскоро ќе има репрезентации што преку квалификациите ќе го обезбедат настапот на планетарниот шампионат, откако квалификациите на другите континенти одамна се почнати.
Во квалификациите во Азија се игра третата рунда, во која настапуваат 18 репрезентации. Од нив, Јапонија е на една победа до осми последователен пласман на светско првенство, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Јапонија денеска игра со Бахреин дома, а пет дена подоцна е мечот со Саудиска Арабија, исто така дома. Јужна Кореја, Иран, Узбекистан и Ирак, исто така, би можеле да го обезбедат своето место во последниот натпревар во март, во зависност од резултатите, пишува ФИФА.
Во Океанија е најнапредната фаза од квалификациите, со само уште три натпревари за играње и четири селекции што се борат за пласман на Светското првенство в година. Последниот натпревар од третата фаза од квалификациите ќе се одржи на 24 март, при што победникот ќе го освои првото загарантирано место на таа конфедерација на планетарно фудбалско првенство. Во полуфиналето утре играат Нова Каледонија – Тахити и Нов Зеланд – Фиџи, а финалето е на 24 март.
Со оглед на водството во квалификациите во Јужна Америка, актуелниот светски шампион Аргентина е на пат за пласман на СП 2026. Аргентина има 25 бода, пет повеќе од најблискиот ривал Уругвај. Најдобрите шест репрезентации од Јужна Америка имаат загарантирано место на СП 2026, а Аргентина сега има 12 бода повеќе од седмата Боливија, пишува Светската фудбалска федерација. Светскиот првак утре игра на гости со Уругвај, а на 25 март се среќава дома со Бразил.
По деветмесечна пауза, квалификациите во Африка продолжуваат, но до јуни нема да има потврдени учесници на СП 2026, пишува Светската фудбалска федерација. Репрезентациите во Северна Америка, пак, во јуни ќе ги продолжат своите квалификации за пласман на Мундијалот, откако сега на програмата е Лигата на нациите.
Директен пласман на Светското првенство в година ќе обезбедат вкупно 46 репрезентации (три домаќини и 43 селекции од квалификациите од целиот свет), а за уште две места ќе се игра интерконтинентален плејоф, со учество на шест репрезентации, и тоа две селекции од Северна Америка и по една од Јужна Америка, Азија, Африка и од Океанија. Н.М.
ЕВРОПСКИ КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2025, ПРВО КОЛО
ГРУПА Г
Полска – Литванија утре, 20.45 ч.
Малта – Финска утре, 20.45 ч.
ГРУПА Х
Кипар – Сан Марино утре, 18 ч.
Романија – БиХ утре, 20.45 ч.
ГРУПА И
Молдавија – Норвешка сабота, 18 ч.
Израел – Естонија сабота, 20.45 ч.
ГРУПА Ј
Лихтенштајн – Македонија сабота, 15 ч.
Велс – Казахстан сабота, 20.45 ч.
ГРУПА К
Англија – Албанија утре, 20.45 ч.
Андора – Летонија утре, 20.45 ч.
ГРУПА Л
Чешка – Фарски Острови сабота, 20.45 ч.
Црна Гора – Гибралтар сабота, 18 ч.
УЧЕСНИЦИ НА СП 2026
Азија 8 1
Африка 9 1
С. Америка 6 2
Ј. Америка 6 1
Океанија 1 1
Европа 16 0
во првата колона е бројот на репрезентации со директен пласман, а во втората бројот на учесници во интерконтиненталниот плејоф