Во својот годишен преглед на фудбалските финансии, „Делоит“ истакна дека најдобрите пет лиги во Европа оствариле приход од 20,4 милијарди евра, што е зголемување од четири проценти

„ДЕЛОИТ“

Фудбалскиот пазар во Европа порасна за осум отсто во однос на приходите во сезоната 2023/2024 до 38 милијарди евра (43,46 милијарди долари), а најмногу генерира англиската Премиер-лига, пишува во студијата објавена од „Делоит“, пренесе агенцијата „Ројтерс“ Во својот годишен преглед на фудбалските финансии, „Делоит“ истакна дека најдобрите пет лиги, Премиер-лигата (Англија), Бундеслигата (Германија), Ла лига (Шпанија), Серија А (Италија) и Лига 1 (Франција), оствариле приход од 20,4 милијарди евра, што е зголемување од четири проценти.
Клубовите од Премиер-лигата имаа најголем приход од најдобрите пет европски лиги, 6,3 милијарди фунти (8,5 милијарди долари). Сепак, традиционалните „големи шест“ клуба во најсилната фудбалска лига на Англија забележаа помал просечен раст на приходите (три отсто) од другите клубови што беа во Премиер-лигата и во сезоните 2023/2024 и 2022/2023 (11 проценти), пишува „Ројтерс“.
Студијата вели дека растот во голема мера е поттикнат од проширувањето на комерцијалните понуди на клубовите, што, исто така, доведе до тоа клубовите првпат кумулативно да генерираат повеќе од две милијарди фунти комерцијален приход.
– Фокусот на развојот на стадионите и диверзификацијата на комерцијалните приходи доведоа до раст на европскиот фудбалски пазар во сезоната 2023/2024. Меѓутоа, клубовите и лигите не можат да си дозволат да го тргнат погледот од топката, бидејќи се појавуваат нови предизвици, вклучително и развојот на регулаторниот пејзаж и менувањето на однесувањето на гледачите. Се зголемува притисокот за повеќе клубови да остварат дополнителни приходи во исто време со управувањето со зголемените трошоци. Повеќе од кога било, лидерите и сопствениците мора да ја препознаат големата одговорност што ја имаат во управувањето со овие бизниси, доловувајќи ја историската суштина на фудбалскиот клуб, истовремено почитувајќи ја неговата незаменлива улога како добро на заедницата за генерациите што доаѓаат – рече Тим Бриџ, водечки партнер во „Спортс бизнис груп“ на „Делоит“, пренесе „Ројтерс“.

Клубовите во најголемите европски првенства објавија збирен оперативен профит (0,6 милијарда евра) втора последователна сезона, а вкупниот сооднос плати/приходи падна од 66 на 64 отсто, пишува „Ројтерс“.
Клубовите во англиската женска Суперлига заеднички генерираа приход од 65 милиони фунти во сезоната 2023/2024, што е пораст од 34 отсто. Секој клуб имаше двоцифрен пораст на приходите, а сите 12 клуба првпат пријавија над еден милион фунти приход, со просечен приход од 5,4 милиони фунти.
– Преку развивање поцврсти стратегии за ангажирање на гледачите, силни комерцијални зделки и обезбедување централни дистрибуции, клубовите во англиската женска Суперлига отворија нова фаза на раст. Плус, бидејќи известувањето и припишувањето на комерцијалните приходи остануваат неконзистентни меѓу клубовите, можеби ја гребеме површината на вредноста што сега ја создава фудбалот за жени – рече Џенифер Хаскел од „Делоит спорт бизнис“, пренесе „Ројтерс“. Н.М.