На годинашното континентално првенство има рекордни награди, најмногу публика, најсовремена технологија, најголема програма за спонзорство досега за турнир на УЕФА… Синоќа почна полуфиналниот дел на ЕП 2025, со мечот Англија – Италија, а вечерва се среќаваат Германија и Шпанија
ФУДБАЛ – УЕФА
Од рекордни награди и најсовремена технологија до најголемата програма за спонзорство досега за турнир на УЕФА, Европското првенство (ЕП) за фудбалерки што се игра во Швајцарија означува голем чекор напред за фудбалот за жени, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) во пресрет на завршницата на годинашното континентално првенство, во чие полуфинале синоќа играа Англија и Италија, а вечерва се среќаваат Германија и Шпанија (од 21 часот). Европското првенство не само што носи брилијантни голови и незаборавни моменти туку тоа поставува и нови стандарди на сите нивоа, пишува УЕФА.
Наградниот фонд за ЕП 2025 е 41 милион евра, повеќе од двојно повеќе од 16-те милиони евра што ги добија националните асоцијации на ЕП во 2022 година и пет пати поголем од фондот од осум милиони евра за репрезентациите што се натпреваруваа на шампионатот во 2017 година. Првпат на ЕП фудбалерките ќе бидат наградени за своите настапи. Тие ќе добијат загарантиран дел од наградниот фонд доделен на нивната национална асоцијација, пишува УЕФА.
Покрај рекордниот награден фонд, вкупниот пакет клупски бенефиции се зголеми на девет милиони евра од 4,5 милиони евра во 2022 година. Ова ја прави најплатена програма за клупски бенефиции во фудбалот за жени, пишува УЕФА. Воведена за ЕП 2022 програмата за клупски бенефиции го признава важниот придонес на клубовите во успехот на турнирот и обезбедува надомест за ослободување фудбалери за настап на ЕП.
Пред да почне ЕП 2025 беа продадени 600.000 билети, од кои 35 отсто беа купени од меѓународни клиенти, пишува УЕФА. Рекордната продажба на билети резултира со рекордна посетеност, со 461.582 гледачи што пишуваат историја како дел од најпосетената групна фаза на ЕП за фудбалерки.
Од базни кампови и превоз до држачи за шишиња и велосипеди, репрезентациите што се натпреваруваат на ЕП 2025 имаа корист од низа основни услуги, обезбедени од наменската единица за тимски услуги на УЕФА, дизајнирани да ги подобрат спортските перформанси и да обезбедат оптимална подготовка за секој натпревар, пишува УЕФА.
ЕП 2025 ја има најнапредната технологија на теренот што некогаш била користена на турнирот, откако и сега има технологија за видеопомошник-судија (ВАР) и технологијата за гол-линијата, а полуавтоматизираната технологија за одредување офсајд и поврзана топка се користат на првпат.
Годинашното континентално првенство привлече и најголема програма за спонзорство досега за турнир на УЕФА, со повеќе од 20 бренда што му се приклучуваат на партнерското семејство, пишува УЕФА. Н.М.