Фото: ЕПА

ЕП 2022 за фудбалерки што се играше во Англија постави нови стандарди во сите аспекти со бројот на голови и со невидената посетеност на стадионите, но турнирот во Швајцарија ја крева летвичката уште повеќе во сите аспекти, пишува УЕФА. Од утре следуваат полуфиналињата на ЕП 2025

Англија – Италија (утре од 21 часот) и Шпанија – Германија (в среда, 21 ч.) се двете полуфинални двојки на Европското првенство (ЕП) за фудбалерки што се игра во Швајцарија. Од полуфиналистите Англија е актуелен европски првак, а Шпанија е актуелен светски шампион. Англија и Германија се сретнаа во финалето на минатото ЕП, во 2022 година. За Германија, која е најтрофејна, со осум титули, тоа е 10-то полуфинале на претходните 11 континентални првенства, за Англија и за Италија седмо, а за Шпанија второ полуфинале.
ЕП 2022 што се играше во Англија постави нови стандарди во сите аспекти со бројот на голови и со невидената посетеност на стадионите, но турнирот во Швајцарија ја крева летвичката уште повеќе во сите аспекти, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Во продолжение некои од рекордите.
– Најмногу голови на ЕП, вкупно 100 по полуфиналињата: на ЕП 2022 беа постигнати 78 погодока во групната фаза, повеќе од бројот на голови на целиот единствен претходен финален турнир со 16 репрезентации, во 2017 година, а вкупно 95. Сепак, ЕП 2025 го надмина тоа и рекордот беше соборен по второто четврт-финале, пишува УЕФА.
– Најмногу голови во еден натпревар, осум (израмнет рекорд): победата на Шпанија на дуелот со Белгија со 6-2 во второто коло беше четврти пат да има осум гола на еден меч на ЕП, по средбите Норвешка – Италија 5-3 во групната фаза на ЕП 2005, Германија – Англија 6-2 во финалето на ЕП 2009 и Англија – Норвешка 8-0 во групната фаза во 2022 година.
– Најмногу различни фудбалерки што постигнале голови во еден натпревар за една репрезентација, шест, на дуелот Англија – Велс: Шпанија на мечот со Белгија беше третата селекција што имаше пет различни стрелци во еден натпревар, но Англија го надмина тоа во победата со 6-1 на натпреварот со Велс. На тој меч беше поставен и рекорд за најмногу различни фудбалерки што постигнале голови во еден натпревар, вкупно седум.

– Најмногу погодоци во групна фаза, 89: ефектот од 78 гола во 2022 година беше надминат, сите 16 репрезентации на ЕП 2025 постигнаа барем по два гола, а три селекции постигнаа двоцифрен број голови. Беа поставени и рекорди за најмногу голови вкупно во една група, 29 (во групата Д, во која беа Англија, Франција, Холандија и Велс), пет повеќе од претходното достигнување, во групата Ц во 2022 година, како и за најмногу погодоци во еден ден, 14 (во групата Д, во третото коло).
– Поставени се и неколку тимски рекорди, како тие за најмногу голови во групна фаза (Шпанија, 14, израмнет рекорд), најмногу погодоци во групна фаза, за вкупно постигнати и примени (Шпанија, 17), најмногу бодови во групна фаза, по девет (Франција, Норвешка, Шпанија и Шведска, израмнет рекорд)…
– Има и неколку рекорди за бројот на гледачи, како, на пример, најмногу вкупен број гледачи во групната фаза, 461.582. Продажбата на билети однапред сугерираше дека вкупниот број 574.875 навивачи што ги следеа мечевите на ЕП 2022 ќе биде надминат во Швајцарија и тоа се потврдува, пишува УЕФА. Претходниот рекорден вкупен број гледачи за групната фаза од 369.314 на ЕП во Англија беше надминат до крајот на второто коло, овој пат со просечна публика веќе поголема од 18.544 што беше забележана на целото ЕП 2022, а вкупно 22 од 24 натпревари од групната фаза се играа пред полни трибини, пишува УЕФА. Беа поставени и рекорди за гледачи во групна фаза во кој не игра домаќин на ЕП (34.165 на средбата Германија – Данска 2-1 во Базел), потоа за публика во четврт-финале (34.128 на мечот Франција – Германија, во Базел), а невиден број од вкупно 112.535 гледачи ги следеа четирите четвртфинални натпревари, пишува УЕФА. Н.М.


ЕП 2025

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Англија – Шведска 2-2, (3-2 п.)
Италија – Норвешка 2-1
Шпанија – Швајцарија 2-0
Германија – Франција 1-1 (6-5 п.)

ПОЛУФИНАЛЕ
Англија – Италија утре, 21 ч.
Германија – Шпанија среда, 21 ч.