Фото: ЕПА

Прекрасно е чувството да се усреќат многу луѓе, рече Енрике, кој е вториот тренер со две тројни круни и седмиот европски првак со повеќе од еден клуб, по победата на Пари сен Жермен во финалето на ЛШ со Интер, со 5-0. Клубот од Париз претходно сезонава ги освои трофеите во првенството и во Купот на Франција

ФУДБАЛ – ПАРИ СЕН ЖЕРМЕН Е 24-ОТ ЕВРОПСКИ ПРВАК, 11-ОТ СО ТРОЈНА КРУНА

Пари сен Жермен е 24-от клуб што станал европски шампион и 11. клуб што освоил тројна круна, по победата во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) со Интер, со 5-0, во Минхен, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). ПСЖ претходно сезонава ја освои титулата во Лига 1 и го победи Ремс во финалето на Купот на Франција.
– Од првиот ден реков дека сакам да освојувам важни трофеи, а Пари сен Жермен никогаш не ја освои Лигата на шампионите. Тоа го направивме првпат. Прекрасно е чувството да се усреќат многу луѓе – рече за УЕФА, Енрике, кој е вториот тренер со две тројни круни (претходно со Барселона во 2015 година), покрај Пеп Гвардиола (со Барселона и со Манчестер сити), пишува УЕФА.
Ниту една екипа досега немала победа во финале за европска титула со повеќе од четири гола разлика, Дезире Дуе и Сени Мајулу се само третиот и четвртиот тинејџер со постигнат гол во финале во ЛШ, по Патрик Клајверт во 1995 година и Карлос Алберто во 2004-та, Доуе е првиот со два погодока во финале по Герет Бејл за Реал Мадрид во 2018 година, и осми во ерата на ЛШ, сите четири финалиња во Минхен дадоа прв победник…, пишува УЕФА.
– Немам зборови. Тоа беше едноставно неверојатно за мене, едноставно неверојатно – рече Дуе, кој беше прогласен за играч на натпреварот.
Мечеви за европската клупска фудбалска титула се играат од сезоната 1955/56, а првата титула ја освои рекордерот Реал Мадрид, кој досега има 15 трофеи. На таа листа потоа се Милан со седум, Ливерпул и Баерн по шест, Барселона пет, Ајакс четири, Интер и Манчестер јунајтед по три, Челси, Јувентус, Бенфика, Нотингем форест и Порто по две, Борусија Дортмунд, Селтик, Хамбургер, Марсеј, Стеауа, Астон вила, Црвена звезда, Феенорд, ПСВ Ајндховен, Манчестер сити и Пари сен Жермен по една. Претходно тројна круна освоија и Селтик (во 1967 година), Ајакс (1972), ПСВ Ајндховен (1988), Манчестер јунајтед (1999), Барселона (2009), Интер (2010), Баерн (2013), Барселона (2015), Баерн (2020) и Манчестер сити (2023).
– Речиси бевме елиминирани неколкупати во текот на сезоната, потоа успеавме да напредуваме и заокруживме извонредна сезона. Нашиот тренер ни ја даде слободата, нѐ одржуваше смирени. Ова е неговата филозофија. Тој го подготви финалето на најдобар можен начин – вели Џанлуиџи Донарума, голманот на Пари сен Жермен, пренесе УЕФА.
Енрике е и седмиот тренер што е европски првак со два клуба, по Карло Анчелоти (со Милан во 2003 и во 2007 и со Реал Мадрид во 2014, 2022 и во 2024 година), Ернст Хапел (Феенорд 1970, Хамбургер 1983), Јуп Хејнкес (Реал М. 1998, Баерн 2013), Отмар Хицфелд (Борусија Д. 1997, Баерн 2001), Жозе Мурињо (Порто 2004, Интер 2010) и Пеп Гвардиола (Барселона 2009, 2011, Манчестер сити 2023).
И за Пари сен Жермен и за Интер продолжуваат меѓународните натпревари, откако и двата тима од 14 јуни ќе настапат на клупското Светско првенство во САД, на кое од Европа ќе играат и Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Челси, Манчестер сити, Баерн, Борусија Дортмунд, Бенфика, Порто, Јувентус и Салцбург. Н.М.