Хулијан Алварез / Фото: ЕПА

Од Лионел Меси до Алекс Морган, од Роналдињо до Елен Вајт, некои од најголемите светски имиња играле фудбал на ЛОИ низ годините

ФУДБАЛ

Континенталните првенства во Европа и во Јужна Америка неодамна завршија, но сега претстои возбудлив меѓународен фудбал на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз. Машките олимписки репрезентации се составени од фудбалери до 23 години, а дозволени се најмногу тројца повозрасни, а женските селекции немаат старосни ограничувања. Од Лионел Меси до Алекс Морган, од Роналдињо до Елен Вајт, некои од најголемите светски имиња играле фудбал на ЛОИ низ годините, пишува „Би-би-си“, кој посочи некои од големите имиња што ќе настапат годинава во Париз 2024.
Во Париз ќе игра Хулијан Алварез, кој заедно со Николас Отаменди и со Џеронимо Рули, е еден од тројцата повозрасни играчи на Аргентина, која игра за трет златен олимписки медал. Селекторот Тиери Анри го избра Александар Лаказет за капитен на Франција. Напаѓачот на Лион не играше за својата земја од 2017 година, но постигна 22 гола во 35 натпревари за клубот од Лига 1 во минатата сезона. За Франција ќе играат и фудбалерот на Севилја, Лоик Баде, како и напаѓачот на Кристал Палас, Жан-Филип Матета.
Ашраф Хакими му помогна на Мароко да стигне до полуфиналето на Светското првенство (СП) во 2022 година, а сега тој е уште едно големо име што ќе ја претставува својата земја на ЛОИ. Мароко на Игрите во Париз се пласира како победник на Африканскиот куп на нациите за фудбалери до 23 години, пишува „Би-би-си“. Заедно со Алекс Баена, Фермин Лопез е еден од двајцата од селекцијата на Шпанија што триумфира на Европското првенство (ЕП) годинава, кој ќе настапи на ЛОИ 2024. Лопез и Баена се обидуваат да испишат историја со тоа што ќе станат првите играчи (не сметајќи ги голманите) што освоиле златен медал на ЕП и на ЛОИ во исто лето, пишува „Би-би-си“. Поранешниот играч од средниот ред на Ливерпул, Наби Кеита, ќе биде капитен на Гвинеја, на вториот настап на ЛОИ. Победникот на Лигата на шампионите е едно од најголемите имиња на Игрите и ќе се надева дека ќе го зголеми бројот од 11 гола за својата земја.

Аитана Бонмати

Најдобрата бразилска голгетерка на сите времиња Марта ќе се збогува со меѓународниот фудбал откако ќе настапи како капитенка на својата селекција во Париз. На ЛОИ 2020 Марта испиша историја со тоа што стана првата фудбалерка што постигнала гол на пет ЛОИ по ред. Шпанија никогаш претходно немала женска репрезентација на ЛОИ, но таа се упатува во Париз како еден од фаворитите. Актуелните светски шампиони загубија само двапати во 14 меча по финалето на СП лани. Екипата на Монсе Томе е преполна со суперѕвезди, но сите погледи ќе бидат насочени кон Аитана Бонмати, освојувачка на „златната топка“ во 2023 година
Селекторот Ерв Ренар рече дека легендарната дефанзивка Венди Ренар е „едногласно“ избрана за капитенка на Франција. Таа третпат ќе ја претставува Франција на ЛОИ, претходно во 2012 и во 2016 година. На 19-годишна возраст, Линда Каиседо од Колумбија веќе е препознаена како една од најголемите таленти. Напаѓачката на Реал М. беше една од главните ѕвезди на СП 2023, со 18 години и 153 дена стана втората најмлада јужноамериканска фудбалерка што постигнала гол во историјата на турнирот, само зад легендарната Марта. Барбра Банда, најдобриот стрелец на фудбалската лига на САД, оди во Франција со Замбија на нејзините втори ЛОИ. На Игрите во Токио таа стана првата фудбалерка што на ЛОИ постигнала хет-трик на два меча еден по друг. Н.М.