Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ

На една година до почетокот на 23-то Светско првенство (СП), настап обезбедија вкупно 10 фудбалски репрезентации, како и трите земји домаќини, САД, Мексико и Канада. По натпреварите во март, пласман на СП 2026 обезбедија Јапонија, Нов Зеланд, Иран и актуелниот светски првак Аргентина, а по средбите во јуни место на планетарниот шампионат осигурија Узбекистан, Јужна Кореја, Јордан, Австралија, Бразил и Еквадор. Од овие репрезентации дебитанти се Јордан и Узбекистан. Најтрофејната селекција, Бразил (пет титули), останува единствената репрезентација што играла на сите досегашни фудбалски мундијали. Од другите репрезентации, на пример, на еден бод до пласман на СП 2026 се Уругвај и Парагвај…

На Светското првенство в година првпат ќе настапат 48 земји. Од Европа ќе играат вкупно 16 репрезентации, од Африка ќе има најмалку девет, од Азија осум, од Јужна Америка и од Северна Америка по шест, а од Океанија една селекција. Преку интерконтиненталниот плејофот на СП 2026 ќе се пласираат две репрезентации, а во тоа доигрување во март в година ќе настапат вкупно шест селекции, и тоа две од Северна Америка и по една од Јужна Америка, Азија, Африка и од Океанија. Н.М.