Фото: ЕПА

Според информациите, пласманот на вкупната табела во Лигата на нациите треба да ги одреди составите на барабаните, а во првиот треба да бидат репрезентациите што ќе се пласираат во четврт-финалето и четирите највисокопласирани на ранг-листата на ФИФА што не се меѓу најдобрите осум во Лигата на нациите, а другите барабани треба да бидат оформени според вкупниот пласман на репрезентациите во Лигата на нациите сезонава

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ

Во новата сезона на реформираната фудбалска Лига на нациите останаа да се доиграат уште две кола, во ноември, во кои повеќето од репрезентациите ќе имаат компетитивни мечеви речиси до шестото коло. Така, покрај трката за што подобар пласман во групите во лигите А, Б, Ц и Д, потоа за влез во повисок ранг, како и за учество во плејофот за трофејот и во плејофот за промоција/испаѓање од лигите, селекциите ќе играат и за подобра позиција пред ждрепката за квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2026 година, бидејќи, според информациите, токму пласманот на вкупната табела во Лигата на нациите треба да ги одреди составите на барабаните.
Според новиот систем, во првиот барабан треба да бидат репрезентациите што ќе се пласираат во четврт-финалето на Лигата на нациите (првите две од секоја група), како и четирите највисокопласирани селекции на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) што не се меѓу најдобрите осум во Лигата на нациите.
Другите барабани треба да бидат оформени според вкупниот пласман на репрезентациите во Лигата на нациите сезонава. Репрезентацијата на Македонија, која е пред освојување на првото место во групата 4, во лигата Ц, би требало да се најде во четвртиот барабан.
Според информациите, влечењето на ждрепката е предвидено за декември. Во квалификациите ќе има 12 групи, и тоа шест со по пет селекции и шест со по четири репрезентации.
Групите со по пет селекции, квалификациите ќе можат да ги почнат во март в година, а тие со по четири ќе играат од септември. По завршувањето на групната фаза, 12-те победници на групите ќе се пласираат на СП 2026 во САД, Канада и во Мексико, а во плејофот за одредување на уште четири учесници ќе играат 12-те второпласирани од квалификациите и четири победници на групите во лигите А, Б, Ц и Д во Лигата на нациите, кои не се на првите две места во своите групи во квалификациите. Н.М.