Фото: ЕПА

Димитриевски и Лопетеги имаат по 34 меча без примен гол во Ла лига на вкупната листа во Шпанија, на која води Зубизарета со 235 такви натпревари. Македонскиот голман во оваа категорија сезонава е на делба на третото место во Ла лига и на делба на 12. место на рангирањето меѓу голманите во најсилните пет домашни првенства во Европа

ФУДБАЛ – НОВ МЕЧ БЕЗ ПРИМЕН ГОЛ ВО ЛА ЛИГА

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски се израмни со славниот шпански чувар на мрежата, сега тренер, Хулен Лопетеги, исто така некогашна „единица“ на Рајо Валјекано, на вкупната листа со голмани во шпанската Ла лига, за бројот на натпревари без примен гол во најсилното фудбалско првенство на таа земја, според статистиката на специјализираната интернет-страница „Трансфермаркт“.
Рајо Валјекано ремизира, 0-0, на гости кај Валенсија во 35. коло на Ла лига и тоа беше 13 натпревар на Димитриевски без примен гол сезонава и вкупно 34-ти во настапите во шпанскиот шампионат. Вкупно 34 има и Лопетеги, кој во кариерата бранеше и за Кастилја, Барселона, Логроњес, Реал Мадрид, Лас Палмас…, а потоа беше тренер на Рајо Валјекано, Порто, Реал Мадрид, Севилја (ја освои Лига Европа), Вулверхемптон… и селектор на младата (европски првак со селекциите до 19 и до 21 година) и на сениорската репрезентација на Шпанија.
Според статистиката на „Трансфермаркт“, Валенсија е 20-от тим од кој Димитриевски не прими гол во Ла лига, листа на која се и Реал Мадрид, Барселона, Севилја, Вилјареал, Селта итн. Македонскиот репрезентативец во моментов е на 114. место на вкупната листа во Шпанија, на која убедливо води Андони Зубизарета (некогашен голман на Барселона, Алавес, Атлетик Билбао, Валенсија…) со 235 натпревари без примен гол.
Димитриевски и Гиорги Мамардашвили од Валенсија се на делба на третото место сезонава во Ла лига со по 13 меча без затресена мрежа (води Унаи Симон од Атлетик Билбао со 16), а на рангирањето меѓу голманите во најсилните пет домашни првенства во Европа (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија) Димитриевски е на делба на 12. место, со Мамардашвили, Лукаш Скорупски од Болоња и со Џонатан Пикфорд од Евертон (води Јан Сомер од Интер со 19).
Македонскиот голман сезонава ја зачува мрежата незатресена на 13 натпревари со 11 клуба, на кои Рајо Валјекано забележа шест победи и седум ремија. Димитриевски по двапати остана несовладан на дуелите со Селта (0-0 и дома и на гости) и со Гетафе (0-0 дома и 2-0 на гости), а по еднаш на средбите со Алмерија (2-0 на гости), Гранада (2-0 на гости), Алавес (2-0 дома), Кадиз (0-0 на гости), Лас Палмас (1-0 на гости), Реал Мадрид (0-0 на гости), Сосиедад (0-0 на гости), Бетис (2-0 дома) и со Валенсија (0-0 на гости). Рајо Валјекано сезонава треба да игра уште дома со Гранада и со Атлетик Билбао и на гости со Барселона. Н.М.


МЕЧЕВИ НА ДИМИТРИЕВСКИ БЕЗ ПРИМЕН ГОЛ ВО ЛА ЛИГА
СЕЗОНА МЕЧЕВИ

2023/2024 13*
2022/2023 9
2021/2022 9
2018/2019 3
* по 35 кола

Извор: Трансфермаркт