Среќен сум што се враќам во Палермо, таму поминав четири убави години, имам многу пријатели и драго ми е што ми се укажа шанса повторно да играм меч против Италија, вели Александар Трајковски
Најдобрите македонски фудбалери вчера претпладне во Скопје го одработија вториот тренинг пред заминувањето за Палермо, каде што утревечер ѝ гостуваат на Италија, во полуфиналниот плејоф-натпревар за пласман на Светското првенство (СП) во Катар, годинава. Македонија нема што да загуби на тој меч, ќе игра без притисок, за разлика од Италија, која како актуелен првак на Европа „мора“ да победи и да се избори за уште еден меч против подобриот од дуелот Португалија – Турција.
Александар Трајковски ѝ даде гол на Италија во ремито (1-1) пред четири години во Торино, но сега очекува многу поинаков натпревар, особено за Италија.
– Се игра еден меч, многу важен за нас и за Италија, секако, но јас верувам во нас, нема што да загубиме, ќе треба да одиграме храбро, без страв и да покажеме дека можеме да одиме понатаму. На два меча сме до настап на СП. Среќен сум што се враќам во Палермо, таму поминав четири убави години, имам многу пријатели и драго ми е што повторно ми се укажа шанса да играм меч против Италија. Сакаме тие да нѐ потценат и потоа да им покажеме колку згрешиле – изјави Трајковски, кој настапува за Ал Фаја во Саудиска Арабија.
Голманот на Македонија, Столе Димитриевски, кој брани за шпанскиот прволигаш Рајо Валјакано, во оптимистичко расположение го очекува мечот против „азурите“.
– Подготвени сме, одиме на победа против Италија! Ако можевме да ги победиме Германија и други силни селекции, зошто не и Италија, иако е европски првак. Имаме квалитетен тим, а потврда за тоа е што стигнавме до плејофот, а што нималку не е лесно. Најбитно е да бидеме максимално сконцентрирани и да дадеме максимум – смета Димитриевски.
По триумфот на Европското првенство (ЕП) лани, Италија не беше на потребното ниво во квалификациите за СП и заврши на второто место во групата, зад Швајцарија, што значи дека вторпат во низа ќе мора да разигрува во плејофот (пред четири години загуби од Шведска). Селекторот на Италија, Роберто Манчини, е оптимист пред мечот со Македонија, но и претпазлив. Тој изјави дека не сака да размислува за потенцијалниот втор плејоф-меч против Португалија или Турција и е фокусиран на утрешниот меч, кој „азурите“ треба да го добијат. Манчини и неговите играчи се свесни дека Македонија е солидна екипа, која ја победи Германија на гости, во квалификациите, и оти на последната средба со Италија, во октомври 2017 година, во Торино, ремизира (1-1).
– Победата против Македонија не ни е дадена и нема да биде лесно. Оптимист сум затоа што работам со големи играчи и професионалци, кои победија на ЕП кога речиси никој не помислуваше дека е можно тоа. Оттука треба да произлегува нашата самодоверба, од она што веќе го направивме – истакнува Манчини.