Фото: ЕПА

Клучните цели се да се подобрат рамнотежата на натпреварувањето и спортскиот интерес, соопшти УЕФА. Во 70-та сезона на најсилното европско фудбалско клупско натпреварување ќе се игра со нов формат (една лига наместо групи), со повеќе учесници (36 наместо 32), кои ќе одиграат најмногу натпревари во една сезона (189), за рекорден награден фонд…

ФУДБАЛ

По синоќешните последни квалификациски мечеви за настап во јубилејната 70-та сезона во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ), денеска (од 18 часот) следува ждрепката за натпреварувањето што од сезонава ќе се игра со нов формат, со повеќе учесници, кои ќе одиграат најмногу натпревари во една сезона, за рекорден награден фонд…
Има четири места повеќе во составот со 36 екипи, секој тим ќе одигра најмалку осум натпревари наместо шест, првпат натпревари во Лигата на шампионите се закажани во јануари, има пораст на паричната награда од најмалку 25 отсто на минимум 2,5 милијарди евра, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Новата лигашка фаза на европскиот клупски фудбал ќе има вкупно 144 натпревари наспроти 96 во групната фаза во минатата сезона, а вкупно 189 (досега 125).
– Клучните цели се да се подобрат рамнотежата на натпреварувањето и спортскиот интерес и во тој процес да се зголеми бројот на значајни натпревари, мечеви со нешто во игра за двете екипи, во текот на натпреварувањето – соопшти Европската фудбалска унија (УЕФА), пренесе АП.
Во осмото и последно коло на сезоната, сите 36 тима ќе играат во истата вечер на 29 јануари за да го финализираат пласманот по кој ќе се одлучи кои осум тима ќе се пласираат директно во осминафиналето и со какви пласмани во нокаут-фазата налик на тенисот, како и кои 16 ќе играат во нова плејоф-рунда во февруари, а кои 12 ќе бидат елиминирани.
– Симулиравме дека пласман понатаму треба да биде можен со просек од 7,6 поени, што значи две победи и две нерешени средби – рече шефот на стратегијата за натпреварувања на УЕФА, Стефан Анселмо, пренесе АП.

НОВИОТ ФОРМАТ

Се укина форматот на групната фаза што се играше 21 сезона, каде што 32 тима беа поделени во осум групи со по четири тима, од каде што двете најдобри екипи во секоја група се пласираа во осминафиналето. Групите му дадоа на секој тим по шест натпревари од септември до декември, играјќи со секој ривал по еднаш дома и на гости. Следува лига со една табела, 36 екипи што играат по осум натпревари против осум противници до јануари. Најдобрите осум одат директно во осминафиналето во март. Тимовите рангирани од деветтото до 24-то ќе играат во плејофот во февруари. Најслабите 12 екипи се елиминирани. Во плејофот, тимовите рангирани со број од девет до 16 се носители на ждрепката за да играат реванш-натпревари на домашен терен против тимовите од 17-то до 24-то место.
Од четирите дополнителни места, двe се за земјите чии тимови колективно имаа најдобар ефект во клупските натпреварувања на УЕФА во претходната сезона. Тоа беа Италија и Германија, па во ЛШ се пласираа петтопласираните тимови во Серија А и во Бундеслигата, Болоња и Борусија Дортмунд. Петторангираната национална лига (врз основа на пет години резултати во клупските натпреварувања на УЕФА) доби трет директен влез. Тоа сега е Франција, а Брест беше трет во Лига 1. Едно дополнително место оди на патеката за квалификациските рунди за национални шампиони, кои сега играат за вкупно пет квалификациски места наместо за четири до минатата сезона.
Сите 36 тима се поделени во четири барабани формирани според клупскиот коефициент на УЕФА, рангирање според резултатите во пет години европски натпреварувања, пишува АП. Во првиот барабан се неодамнешните победници во ЛШ и поразените финалисти, плус Лајпциг и Барселона. Кога ќе се извлече еден тим на денешната ждрепка, списокот со осум противници, по два од секој барабан, по еден за играње дома и на гости, ќе биде распределен од софтверска програма и ќе се прикаже за неколку секунди. Датумите на натпреварите ќе бидат потврдени в сабота, за да се избегнат градските судири со натпреварите од Лига Европа и од Конференциската лига чии ждрепки се в петок во Монако. Тие натпреварувања се, исто така, во лига со по 36 тима, а тимовите од Конференциската лига играат само шест меча.

НАГРАДЕН ФОНД

Со освојувањето на титулата во Лигата на шампионите во 2023 година, Манчестер сити заработи 135 милиони евра од УЕФА, пишува АП. Победникот сезонава може да освои 150 милиони евра. Секој од 36-те тима добива основни 18,6 милиони евра, потоа 2,1 милиони евра за секоја победа и 700.000 евра за реми. Секое место во поредокот вреди повеќе пари со акции вредни 275.000 евра, па, така, 36 акции, или 9,9 милиони евра, одат за тимот што ќе биде на првото место во јануари и една акција за последнопласираниот тим. Бонусите се зголемуваат од 11 милиони евра по тим за напредување во секоја нокаут-рунда. Друг награден фонд од 853 милиони евра е доделен врз основа на историскиот рекорд на тимовите во натпреварите на УЕФА и вредноста на националните и глобалните зделки за емитување, пишува АП. Н.М.


Во трка за трофејот се тимови од 16 земји

Вкупно 16 земји ќе бидат претставени во фудбалската Лига на шампионите сезонава, а најмногу екипи ќе има од Италија и од Германија, по пет. Четири тима ќе има од Шпанија и од Англија, три од Франција, по два од Холандија, Австрија и од Португалија, а по еден од Белгија, Шкотска, Украина, Швајцарија и од Чешка. По денешните реванш-мечеви во квалификациите по еден тим ќе има од Србија или од Норвешка, потоа од Азербејџан или од Хрватска, како и од Словачка или од Данска, а еден тим повеќе може да имаат Чешка или Франција.


КЛУБОВИ СО ДИРЕКТЕН ПЛАСМАН ВО ЛШ

Англија: Манчестер сити, Арсенал, Ливерпул, Астон вила
Шпанија: Реал Мадрид, Барселона, Џирона, Атлетико Мадрид
Германија: Баер, Штутгарт, Баерн, Лајпциг
Италија: Интер, Милан, Јувентус, Аталанта
Франција: Пари сен Жермен, Монако, Брест
Холандија: ПСВ Ајндховен, Феенорд
Португалија: Спортинг
Белгија: Клуб Бриж
Шкотска: Селтик
Австрија: Штурм
Европски места за настап: Болоња (Италија), Борусија Д. (Германија)
Ребаланс на победникот во ЛШ: Шахтер (Украина)
Ребаланс на победникот во ЛЕ: Бенфика (Португалија)
Извор: УЕФА

ТИМОВИ ПЛАСИРАНИ НИЗ КВАЛИФИКАЦИИТЕ
Швајцарија: Јанг бојс
Австрија: Салцбург
Чешка: Спарта Прага

РЕВАНШ-МЕЧЕВИ, СИНОЌА
Црвена звезда – Бодо Глимт (1-2)
Карабах – Динамо Загреб (0-3)
Славија Прага – Лил (0-2)
Слован – Митјиланд (1-1)
во заградите се резултатите од првите средби