Фото: „Нова Македонија“

АНГЛИСКИ ФА-КУП

Најстарото фудбалско натпреварување во светот, англискиот ФА-куп, денеска (од 17.30 часот) ќе го има 144-то финале, во кое, на стадионот „Вембли“ во Лондон, ќе се сретнат Кристал палас и Манчестер сити. Првите мечеви во ФА-купот се одиграни во 1871 година, а првото финале во 1872 година, во кое победи Вондерерс.
За Кристал палас ова е трето финале (претходно играше дуели за трофејот во 1990 и во 2016 година) и игра за првиот пехар во тоа натпреварување, а Манчестер сити, кој победи во 2023 година, а лани беше финалист, ќе игра за осмиот пехар (славеше во 1904, 1934, 1956, 1969, 2011, 2019 и во 2023 година).
Најтрофеен клуб е Арсенал, со 14 триумфи во ФА-купот. Вкупно 57 клуба играле во финалето, 44 досега го освојувале трофејот, од тоа 23 клуба славеле повеќе од еднаш. Победникот во финалето добива право да игра во Лига Европа во идната сезона и ќе се сретне со новиот првак Ливерпул во суперкупот на Англија. Н.М.