Падобранските плаќања се серија солидарни плаќања што Премиер-лигата им ги дава на испаднатите клубови, до три години, за да им помогне да се приспособат на намалените приходи во Чемпионшип, со значително помалку приходи од ТВ-права. ЕФЛ и Премиер-лигата водат разговори за промена на системот за дистрибуција на приходите од фудбалот, за да се спуштат повеќе пари по фудбалската пирамида од Премиер-лигата

Ипсвич, Саутемптон и Лестер го почнаа својот поход за враќање во англиската фудбалска Премиер-лига, тимови што испадна во мај и кои се меѓу само четирите клуба во дивизијата Чемпионшип што ќе добиваат т.н. падобранско плаќање во сезоната 2025/2026, а во таа група е и Шефилд јунајтед, откако испадна во второто фудбалско ниво 12 месеци претходно, пишува „Би-би-си“.
– Високи личности од Англиската фудбалска лига (ЕФЛ) алармираат за растечката нерамнотежа во англискиот фудбал. Нивната загриженост е дека Премиер-лигата тивко се трансформира во елита од 24-25 тима, каде што новопромовираните екипи се борат финансиски за да се натпреваруваат, но брзо испаѓаат, додека падобранските плаќања им даваат на испаднатите клубови отскочна штица за враќање во највисоката фудбалска лига – рече експертот за фудбалски финансии Киран Магваер, пренесе „Би-би-си“.
За да се нагласи поентата, во секоја од изминатите пет сезони два од трите тима промовирани од Чемпионшип добиваа падобрански плаќања и, за да се нагласи растечкиот јаз помеѓу првите две дивизии, во секоја од изминатите две сезони трите промовирани тима потоа испаѓаа од Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“. Падобранските плаќања се серија солидарни плаќања што Премиер-лигата им ги дава на испаднатите клубови, до три години, за да им помогне да се приспособат на намалените приходи во Чемпионшип, со значително помалку приходи од ТВ-права.
Англиската фудбалска лига и Премиер-лигата водат разговори за промена на системот за дистрибуција на приходите од фудбалот, за да се спуштат повеќе пари по фудбалската пирамида од Премиер-лигата. Англиската фудбалска лига сака да ги укине падобранските плаќања и да обезбеди поголем дел од богатството генерирано од највисоката лига. Премиер-лигата, од друга страна, верува дека плаќањата им помагаат на клубовите да бидат конкурентни откако ќе бидат промовирани, пишува „Би-би-си“. Во април 2023 година претседателот на Англиската фудбалска лига, Рик Пари, го опиша растечкиот јаз меѓу клубовите што добиваат падобрански плаќања и остатокот од дивизијата Чемпионшип како „голема загриженост“. Магваер вели дека „бројките отсликуваат сурова слика“ во однос на приходите и потрошувачката моќ, пишува „Би-би-си“.

– Во сезоната 2014/2015 клубовите од Чемпионшип што добиваа падобрански плаќања заработија просечно 31,8 милион фунти, речиси двојно повеќе од 16,1 милиони фунти што ги заработија нивните колеги што не примаат падобрански плаќања. Во сезоната 2023/2024 таа разлика експлодира. Клубовите од системот за поддршка имаа просечен приход од 62,9 милиони фунти, а другите од само 26,7 милиони фунти. Со поголемите приходи доаѓа и поголема потрошувачка моќ. Во сезоната 2014/2015 разликата во платите меѓу клубовите од системот за падобрански плаќања и клубовите што не се во него беше 10,4 милиони фунти. До сезоната 2023/2024 таа се зголеми на 43,3 милиони фунти. Оваа разлика се рефлектира и во инвестициите во тимовите, при што клубовите од падобранските плаќања имаат тимови во вредност од просечно 157 милиони фунти лани, во споредба со само 19 милиони фунти за преостанатите. Оваа финансиска предност создава самозасилувачки циклус. Промовираните клубови често немаат ресурси за да се натпреваруваат, што доведува до брзо испаѓање. Во меѓувреме тимовите финансирани од системот за падобрански плаќања доминираат во Чемпионшип, што им отежнува на другите да се пробијат. Резултат? Екосистем од Премиер-лигата што сѐ повеќе ја фаворизира истата група на клубови, помалку меритократија, повеќе трамбулина за испаднатите од елитата – вели тој, пренесе „Би-би-си“.
Иако се чини дека е сѐ потешко да се биде меѓу првите два тима во Чемпионшип, трката за место во плејофот беше поотворена од кога било во минатата сезона. Додека Лидс, Барнли, па дури и третопласираниот Шефилд јунајтед исчезнаа напред на табелата, освојувајќи 100, 100 и 90 поени соодветно, Сандерленд, Ковентри и Бристол беа меѓу првите шест и покрај тоа што немаа падобрански плаќања. Потоа Сандерленд го изненади Шефилд на „Вембли“ во финалето на плејофот и беше промовиран во Премиер-лигата. И, додека два од трите промовирани тима се клубови со падобрански плаќања пет сезони по ред, тоа значи дека секогаш имало еден од тие што не се во тој систем за падобрански плаќања.
– Тоа што само четири клуба добиваат падобрански плаќања во дивизијата Чемпионшип сезонава само го покажува влијанието на ефектот на трамбулината. Но тоа создава можност други клубови од Чемпионшип да се натпреваруваат за местата што носат играње во плејофот – рече Магваер, пренесе „Би-би-си“. Н.М.