Финалето ќе се игра на Олимпискиот стадион во Берлин / Фото: ЕПА

Од 18 часот играат Шпанија и Германија, кои имаат по три европски титули, во реприза на финалето на ЕП 2008, а од 21 часот е натпреварот на Португалија и на Франција, кои имаат еден, односно два континентални трофеја и кои се сретнаа меѓу себе во мечот за европскиот пехар во 2016 година

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Со дуели на репрезентации што заедно имаат девет европски и седум светски титули, а чии мечеви се и репризи на некои претходни континентални финалиња, денеска почнува четврт-финалето на фудбалското Европско првенство (ЕП) во Германија. Од 18 часот играат Шпанија (три европски и една светска титула) и Германија (3/4), а од 21 часот е натпреварот помеѓу Португалија (една европска титула) и Франција (по двапати европски и светски шампион). Шпанија и Германија играа во финалето на ЕП 2008, а Португалија и Франција се сретнаа во мечот за европскиот трофеј во 2016 година.
Според повеќе податоци, четврт-финалето Шпанија – Германија е дуел на најдобрите селекции досега во натпреварувањето, откако тие имаат најмногу европски титули, по три, најефикасни се на ЕП 2024, имаа најмногу обиди кон голот, водат во однос на прецизноста на додавањата, примија само три гола заедно и сето тоа го направија на забавен начин, спојувајќи ги младоста и искуството, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).

– Германија е фантастичен тим, ги има некои од најдобрите играчи во светот и тие се многу организирани и дисциплинирани. Но ќе се соочат со тим многу сличен на нив, многу посветен, многу добро организиран, тешко да се победи и гладен за успех. Знам дека тоа е клише во фудбалот, но малите детали се тие што ќе го одлучат резултатот – вели Луис де ла Фуенте, селектор на Шпанија, пренесе УЕФА.
На четирите натпревари досега на ЕП 2024 репрезентацијата на Германија постигна 10 гола и прими два, а селекцијата на Шпанија девет пати ја затресе противничката мрежа и прими еден погодок.
– Секогаш има простор за напредок. Бев многу задоволен од првите 20 минути (против Данска), но мораме да се погрижиме да останеме трпеливи и да ја задржиме топката. Ако можеме да продолжиме да го правиме она што го направивме во првите 20 минути, ќе биде тешко да нѐ победат – рече за УЕФА Јулијан Нагелсман, селектор на Германија.
На средбата може да има и дуели на актуелни клупски колеги, како, на пример соиграчите од Барселона, Илкај Гундоган, Феран Торес, Ламин Јамал, Педри и Фермин Лопез, потоа од Реал Мадрид, Тони Крос, Антонио Ридигер, Дани Карвахал, Начо и Јоселу, од Арсенал, Каи Хаверц и Давид Раја, од Баер, Флориан Вирц, Роберт Андрих, Џонатан Та и Алекс Грималдо…
Победниците на дуелите вечерва ќе играат меѓу себе во полуфиналето во вторник, во Минхен.

– Сега сме фокусирани и подготвени за Франција. Тие се многу силни, но може да остават простор зад линиите, може да направат проблеми, но се надеваме дека ќе создадеме повеќе шанси. Турнирот сега има различни детали, бидејќи можеш да победиш на пенали и да создаваш моменти со индивидуален квалитет – изјави Роберто Мартинез, селекторот на Португалија, пренесе УЕФА.
Ќе има ѕвездени играчи во двете репрезентации, но иако Кристијано Роналдо и Килијан Мбапе може да привлечат најголемо внимание, клучот може да биде одбраната, голманот на Португалија, Диого Коста, на дуелот со Словенија одбрани три удари од белата точка во пенал-рулетот, а Франција на три од четирите средби не прими гол, пишува УЕФА.
– Имаме квалитет и талент, но има многу селекции што го имаат тоа. На највисоко ниво, треба да бидете цврсти и да работите напорно заедно. Сите напредуваат, а постои заеднички именител помеѓу сите овие натпревари: атлетскиот интензитет е на највисоко ниво – рече Дидие Дешам, селектор на Франција.
Преостанатите два дуела од четврт-финалето се утре, двојките се Англија – Швајцарија (18 часот) и Холандија – Турција (21 часот), а победниците на тие средби ќе го формираат второто полуфинале, кое на програмата е в среда, во Дортмунд. Н.М.


ФУДБАЛ – ЕП 2024

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Шпанија – Германија 18 ч.
2. Португалија – Франција 21 ч.
3. Англија – Швајцарија утре, 18 ч.
4. Холандија – Турција утре, 21 ч.

ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – победник 2 9 јули
Победник 4 – победник 3 10 јули

финалето е на 14 јули во Берлин