ОЛИВИЈА СМИТ, ПРВА ФУДБАЛЕРКА ОД ЕДЕН МИЛИОН ФУНТИ
- Најважната работа за мене (кога избирам клуб) е тренерот, неговата филозофија. Не можев да се видам себеси никаде на друго место, освен во Арсенал. Нема секогаш да бидам стартер, па дури и да сум некој што ќе го промени мечот, само сакам да оставам впечаток. Без разлика дали станува збор за голови, дефанзивни акции, буквално што било, само да ги поддржувам девојките и да учам истовремено, вели Смит, пренесе „Гол.ком“
Оливија Смит веќе влезе во историјата. Со 21 година, неодамна излезе пред публиката на стадионот „Емирати“ како прва фудбалерка вредна еден милион фунти. Арсенал го собори светскиот рекорд кога ја донесе од Ливерпул во јули и таа засекогаш ќе биде првата фудбалерка со седумцифрена вредност, пишува „Би-би-си“.
– Сѐ водеше кон ова. Таа е родена за ова. Да, се случило млада, но не се случило без години подготовка да се влезе во оваа средина. Понекогаш кога им се случува на млади фудбалерки, доаѓа брзо и можеби имаат шест месеци да се справат со емоциите и со медиумскиот тренинг. Оливија го доживува ова уште од 15-годишна возраст – вели нејзината поранешна тренерка на Универзитетот Пен Стејт, Ерика Дамбах, пренесе „Би-би-си“.
На таа возраст таа стана најмладата фудбалерка што настапила за Канада. Скромна, почитувана и ненаметлива, единствената цел на Смит е да игра фудбал, и тоа добро. Но за најскапата фудбалерка, дебито во Арсенал секогаш ќе го привлекуваше вниманието на масите. Смит ја почна својата кариера во Арсенал со спринт и со прекрасен гол против Лондон сити.
Тоа беше брз напредок за Смит, која го потпиша својот прв професионален договор пред само две години. Откако постигна седум гола во својата прва сезона за Ливерпул, Арсенал одлучи да издвои историски еден милион фунти за младата напаѓачка. Но во разговор со „Атлетик“, Смит откри дека надоместокот „не ѝ значи ништо“ и дека таа ќе продолжи да ја развива својата игра со цел да се натпреварува за најголемите трофеи, пишува интернет-страницата „Гол.ком“.
Смит првично се запиша на Универзитетот „Пен Стејт“ и играше за нивниот колеџ-тим во 2022 година пред да се посвети на својата професионална кариера, кога потпиша за Спортинг. Сега таа се смета за потенцијална пресвртница во обидите на Арсенал да го собори монополот на Челси во домашното првенство во претходните години. Смит се надева дека само што почнува, по нејзиниот прекрасен гол во првото коло.
– Чест е да се има толку висока цена, особено е неверојатно за некој како Арсенал да плаќа толку многу и навистина да го постави тонот на пазарот за фудбалот за жени да продолжи да расте. Но, ако сум искрена, цената не ми значи ништо. Најважната работа за мене (кога избирам клуб) е тренерот, неговата филозофија. Гледајќи ја длабочината на тимот, едноставно се чувствував како што треба. Не можев да се видам себеси никаде на друго место, освен во Арсенал – вели таа, пренесе „Гол.ком“.
За тоа кои се нејзините цели за сезоната, таа вели: „Искрено, дури и нема да си поставам летвичка сезонава. Нема секогаш да бидам стартер, па дури и да сум некој што ќе го промени мечот, само сакам да оставам впечаток. Без разлика дали станува збор за голови, дефанзивни акции, буквално што било, само да ги поддржувам девојките и да учам истовремено“. Г.И.