Клубот од Лондон, кој без загубен бод се пласира во осминафиналето на Конференциската лига, досега по двапати победи во Лигата на шампионите, Лига Европа, некогашниот Куп на победниците на куповите и во Суперкупот на УЕФА. Трофеи во тие четири европски натпреварувања освоија уште четири клуба, и тоа Јувентус, Ајакс, Баерн и Манчестер јунајтед
ФУДБАЛ – КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
Англискиот фудбалски премиерлигаш Челси на супериорен начин, без загубен бод, со најефикасен напад (26 гола) и со најдобра гол-разлика (21), како победник на лигашката фаза се пласира во осминафиналето на Конференциската лига (КЛ) и остана на патот кон комплетирање на трофејната европска колекција, со што би станал првиот клуб што победил во сите големи натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Клубот од Лондон досега по двапати победи во најсилното натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ), потоа во второто по ранг натпреварување, Лига Европа (ЛЕ), во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК), како и во Суперкупот на УЕФА. Челси, кој сега е во трка за својот прв трофеј во Конференциската лига, беше европски првак во 2012 и во 2021 година, победи во Лига Европа во 2013 и во 2019 година, славеше во Купот на победниците на куповите во 1971 и во 1998 година, а триумфира во Суперкупот на УЕФА во 1998 и во 2021 година.
Сега англискиот премиерлигаш е во групата клубови што ги освоија трофеите во четири купови на УЕФА, ЛШ, ЛЕ, КПК и во Суперкупот, а тоа го остварија уште четири клуба, и тоа Јувентус (две европски титули, три триумфи во Лига Европа, еден во КПК и два во Суперкупот), Ајакс (4-1-1-2), Баерн (6-1-1-2) и Манчестер јунајтед (3-1-1-1). Сите пет клуба беа и светски клупски шампиони, а сите сезонава настапуваат во европските купови, и тоа Јувентус и Баерн во Лигата на шампионите, а Ајакс и Манчестер јунајтед во Лига Европа.
Во четвртата сезона на Конференциската лига меѓу тимовите што се пласираа понатаму, покрај Челси, досега и Фиорентина освои европски трофеј, и тоа во Купот на победниците на куповите, во 1961 година, во првото издание на тоа натпреварување, кое, пак, во 1999 година се спои со тогашниот Куп на УЕФА, а сега тоа натпреварување е со име Лига Европа.
Конференциската лига сезонава се игра според нов формат, со 36 тима во една лига. По шест кола во осминафиналето се пласираа најдобрите осум тима (Челси, Виторија, Фиорентина, Рапид Виена, Ѓургарден, Лугано, Легија и Серкл Бриж), а меѓу 16-те најдобри сезонава ќе настапат и победниците на плејофот во кој ќе играат клубовите од деветтото до 24-то место на табелата. Новиот победник на Конференциската лига ќе добие право во идната сезона да се натпреварува во Лига Европа.
Н.М.
ОСВОЈУВАЧИ НА ЧЕТИРИ ГОЛЕМИ ТРОФЕИ НА УЕФА
КЛУБ ЛШ ЛЕ КПК СК
Јувентус 2 3 1 2
Ајакс 4 1 1 2
Баерн 6 1 1 2
Челси 2 2 2 2
Манчестер ј. 3 1 1 1
ЛШ – Лига на шампионите; ЛЕ – Лига Европа; КПК – Куп на победниците на куповите; СК – Суперкуп
ЕВРОПСКИ ТРОФЕИ НА ЧЕЛСИ
КУП ГОД.
ЛШ 2012, 2021
ЛЕ 2013, 2019
КПК 1971, 1998
Суперкуп 1998, 2021
Ждрепка за плејофот во Конференциската лига
Вчера беше извршена ждрепката за плејофот за пласман во осминафиналето од Конференциската лига. Бобан Николов и Дамјан Шишковски со Борац Бања Лука ќе играат против Олимпија Љубљана (Словенија), додека Јагелонија на Филип Чурлинов за ривал го доби тимот на ТСЦ Бачка Топола (Србија). Првите дуели се играат на 13 февруари 2025 година, а реваншите се седум дена подоцна. Директен пласман во осминафиналето обезбедија: Челси, Гимараеш, Фиорентина, Рапид, Ѓургарден, Лугано, Легија и Серкл Бриж.
Плејоф за пласман во
осминафинале
Гент – Бетис
Копенхаген – Хајденхајм
Викингур – Панатинаикос
Борац Бања Лука – Олимпија Љубљана
Целје – АПОЕЛ
Омонија – Пафос
ТСЦ Бачка Топола – Јагелонија
Молде – Шамрок Роверс