Фото: ЕПА

Детска ѕвезда, тинејџерска икона на социјалните мрежи, голем талент што почнува да го реализира својот потенцијал, а следната задача во новата кариера е да испорача за Холандија на Европското првенство што се игра во Германија, пишува „Би-би-си“

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Чави Симонс брзо стана скапоцен камен во ценетата академија на Барселона, откако се приклучи на седумгодишна возраст, до својата 14-та година, Симонс имаше повеќе од еден милион следбеници на Инстаграм, договор со „Најк“ и глумеше во реклама заедно со Нејмар и со Роналдињо, пишува „Би-би-си“ за фудбалскиот репрезентативец на Холандија. Компилациските видеа од фудбалерот од средниот ред го преплавија Јутјуб. Клубовите почнаа да кружат. Симонс беше икона пред целосно да порасне.
– Се сеќавам на луѓето, велеа „Чави, Чави, фото, фото!“ – објаснува поранешниот тренер на Ла Масија, Пау Морал, кој првпат беше сведок на неговата популарност на националниот турнир до 12 години.
Сега 21-годишниот Симонс повторно е еден од најбараните играчи во Европа. Има договор со Пари сен Жермен, но импресионира во минатата сезона како позајмен во Лајпциг. Тоа веќе беше уникатно патување за талентот што игра или како крило или зад напаѓачот и зборува шест јазици.
– Знам што сакам да постигнам со мојата фудбалска кариера. Мојот пат не беше најлесниот. Многу подеми и падови – вели Симонс.

СТАВ НА ПОБЕДНИК

Детска ѕвезда, тинејџерска икона на социјалните мрежи, голем талент што почнува да го реализира својот потенцијал, а следната задача во новата кариера е да испорача за Холандија на Европското првенство што се игра во Германија, пишува „Би-би-си“.
Наречен Чави по поранешниот играч од средниот ред на Барселона и на Шпанија, неговиот постар брат Фаустино има име како поранешниот напаѓач на Колумбија, Њукасл и на Парма, Асприља, Симонс е роден во Амстердам, а имал само три години кога семејството се преселило во Аликанте откако неговиот татко Реџилио ја завршил сопствената играчка кариера. Реџилио, поранешен напаѓач во холандската врвна лига, еднаш рече дека неговиот син, на возраст од три или четири години, може да гледа и да разбира натпревари на ниво далеку од неговите години.
Неговиот талент беше исто така непобитен. Имаше понуди од локалните клубови Елче и Кадиз, како и од Вилјареал, но потоа Барселона се јави со можност премногу добра за да се игнорира. Неговото фудбалско образование се одвиваше во познатата „Ла Масија“. Симонс се покажа како ѕвезден студент.
– Неговиот став секогаш беше како победник. Тој е многу добро момче, малку срамежливо, не е некој што постојано зборува, а цело време на своите пријатели им вели „ајде, ајде“, мотивирајќи ги – се сеќава Морал.
Во интервју по приклучувањето на академијата, Симонс, кој стана добар пријател со сегашниот лев бек на Барса и Шпанија, Алехандро Балде, рече дека му се допаѓа „да ја има топката, да постигнува голови, да додава и да го менува темпото“.
– Беше многу мал, еден од најмалите играчи во академијата, но беше брз и силен. Никогаш не се плашеше, секогаш сакаше топка, секогаш сакаше да даде сѐ од себе. Можеше да ја почувствуваш неговата енергија – рече Морал, кој ја тренираше и шпанската ѕвезда Гави.

БАРСЕЛОНА, ПСЖ, ПСВ, ЛАЈПЦИГ

Сепак, на 16 години, откако не успеа да постигне договор со Барселона, тој му се приклучи на ПСЖ, следејќи ги стапките на својот идол Нејмар, велејќи дека Бразилецот се грижи за него како за „помал брат“. Мајката на Симонс, Пеги, му наложила да оди на часови по француски за подобро да се интегрира со соиграчите, додавајќи го на холандскиот, шпанскиот, каталонскиот и на англискиот јазик. Симонс бил опкружен со ѕвезди. Покрај Нејмар, играа и Килијан Мбапе, Анхел ди Марија, а подоцна и Лионел Меси и Серхио Рамос. Но, подеднакво важно за младиот фудбалер беше неговото семејство.
– Кога на 16 години тргнав во Париз, бев само дете. Научив дека делот за менталното здравје во фудбалот е навистина важен. Понекогаш морам само да се опуштам, да не размислувам цел ден за фудбал, имам друг живот, кој е поинаков – објаснува Симонс.
На 17 години, во февруари 2021 година, тој го направи своето деби, но понатамошните можности беа ограничени и, до крајот на следната сезона, Симонс одигра само 11 меча за сениорите во сите натпреварувања, пишува „Би-би-си“. Тој отиде во потрага по редовен фудбал. И покрај тоа што е роден во земјата и ја претставуваше Холандија на младинско ниво, Симонс никогаш не играл за холандски клуб пред да му се приклучи на ПСВ во 2022 година. Навивачите беа свесни за ова талентирано дете со огромен број следбеници на социјалните мрежи, кое беше во Барселона и во ПСЖ, но допрва требаше да видат што може на теренот.
– Сите сакаа да видат како ќе оди и сите очекуваа многу од него – се сеќава Боло Зенден, поранешен играч и тренер на ПСВ.
Симонс постигна гол на своето деби кога ПСВ го победи Ајакс во суперкупот, а потоа ја запали Ередивизијата со 19 гола, со што беше заеднички најдобар стрелец во лигата, а имаше и девет асистенции.
– Тој ги одушеви сите со својот стил на игра, со својот став, со темпото, со своите вештини. Тој навистина изгледаше како целосно возрасен играч – вели Зенден.
Симонс дебитира за Холандија на Светското првенство во Катар во 2022 година, на дуелот со САД во осминафиналето, но и со вниманието на ПСЖ, кој го ангажира и потоа веднаш го испрати на заем, а Симонс одлучи дека Лајпциг е најдоброто место за продолжување на неговиот развој. Тоа се покажа плодно за двете страни, постигнувајќи 10 гола и 15 асистенции во сите натпреварувања во минатата сезона.
– Тој е речиси прототип за она што го сакаме за нашата игра. Тој ужива да ја има топката и да стартува, зрачи со огромна енергија со и без топката – рече тренерот Марко Росе.

ХОЛАНДИЈА

Симонс допрва треба навистина да ја преточи таа клупска форма во настапите за Холандија (досега постигна еден гол). Симонс го одигра првиот час на воведната победа на неговата селекција со 2-1 на дуелот со Полска и селекторот Роналд Куман го гледа како „еден од најголемите таленти“ во холандскиот состав.
– Тој го има вистинскиот став, има вештини, го има моторот, подготвен е да работи напорно, никогаш не се жали. Секој тренер би го сакал во својот тим – вели Зенден. „Тој е многу талентиран играч, кој има многу да даде. Тој уште може да биде многу подобар отколку што е, но има добар менталитет, па не сум загрижен дека тоа нема да се случи. Верувам во тоа“, рече капитенот на Холандија, Вирџил ван Дајк.
Патувањето до оваа точка можеби веќе беше сложено и неконвенционално за Симонс, но, во портокаловиот дрес, можеби ова е само почеток, пишува „Би-би-си“. Н.М.


ЕП 2024

Група А
Швајцарија – Германија синоќа
Шкотска – Унгарија синоќа
ТАБЕЛА
Германија 2 2 0 0 7-1 6
Швајцарија 2 1 1 0 4-2 4
Шкотска 2 0 1 1 2-6 1
Унгарија 2 0 0 2 1-5 0

Група Б
Албанија – Шпанија 21 ч.
Хрватска – Италија 21 ч.
ТАБЕЛА
Шпанија 2 2 0 0 4-0 6
Италија 2 1 0 1 2-2 3
Албанија 2 0 1 1 3-4 1
Хрватска 2 0 1 1 2-5 1

Група Ц
Англија – Словенија утре, 21 ч.
Данска – Србија утре, 21 ч.
ТАБЕЛА
Англија 2 1 1 0 2-1 4
Данска 2 0 2 0 2-2 2
Словенија 2 0 2 0 2-2 2
Србија 2 0 1 1 1-2 1

Група Д
Холандија – Австрија утре, 18 ч.
Франција – Полска утре, 18 ч.
ТАБЕЛА
Холандија 2 1 1 0 2-1 4
Франција 2 1 1 0 1-0 4
Австрија 2 1 0 1 3-2 3
Полска 2 0 0 2 2-5 0

Група Е
Словачка – Романија среда, 18 ч.
Украина – Белгија среда, 18 ч.
ТАБЕЛА
Романија 2 1 0 1 3-2 3
Белгија 2 1 0 1 2-1 3
Словачка 2 1 0 1 2-2 3
Украина 2 1 0 1 2-4 3

Група Ф
Грузија – Португалија среда, 21 ч.
Чешка – Турција среда, 21 ч.
ТАБЕЛА
Португалија 2 2 0 0 5-1 6
Турција 2 1 0 1 3-4 3
Чешка 2 0 1 1 2-3 1
Грузија 2 0 1 1 2-4 1

ОСМИНАФИНАЛЕ

Победник А – второпласиран Ц 29 јуни
Второпласиран А – второпласиран Б 29 јуни
Шпанија – трет од А, Д, Е или Ф 30 јуни
Победник Ц – трет од Д, Е или Ф 30 јуни
Португалија – трет од А, Б или Ц 1 јули
Второпласиран Д – второпласиран Е 1 јули
Победник Е – трет од А, Б, Ц или Д 2 јули
Победник Д – второпласиран Ф 2 јули