Арсенал има неверојатни 22 гола по корнер од почетокот на минатата сезона, повеќе од кој било друг клуб во најдобрите пет лиги во Европа. Ударите од аголот уште се можност за постигнување гол со релативно низок процент, но, како што покажува Арсенал, со реализација од шест отсто од нивните корнери во 2023 и 2024 година, работата на тренинзите може да донесе добивка, пишува „Би-би-си“. „Големите мечеви деновиве се решаваат по прекини. Тоа е голем икс-фактор, рече поранешниот фудбалер од средниот ред на Блекбурн, Мортен Гамст Педерсен, специјалист за прекини на игра во неговата кариера
ФУДБАЛ
Слободните удари порано се сметаа за резерва на аутсајдерот, еден од ретките моменти во мечот каде што еден тим можеше да изненади против противник богат со таленти и со физичка предност, но благодарение на доминацијата на Арсенал при слободните удари во изминатите две сезони и особено големата вештина при корнерите, љубителите на играта при прекини сега го гледаат тоа само како уште еден начин за еден вид минимални придобивки што ги бараат во играта потенцијалните победници и претенденти за титулите, пишува „Би-би-си“. Но што точно треба за такви корнери? Кога Арсенал го победи Манчестер јунајтед, двата гола беа постигнати по корнер, со кои „топчиите“ сега имаат неверојатни 22 погодока по удар од аголот од почетокот на минатата сезона, повеќе од кој било друг клуб во најдобрите пет лиги во Европа. Баер на Чаби Алонсо е втор со 17.
ЦЕНТАРШУТ
Голем дел од анализата за надмоќта на Арсенал по победата на дуелот со Манчестер јунајтед се фокусира на квалитетот на центаршутевите што ги обезбедија Деклан Рајс и Букајо Сака. И поранешниот играч од средниот ред на Блекбурн, Мортен Гамст Педерсен, специјалист за прекини на игра во текот на неговата кариера, се согласува дека центаршутот е клучен.
– Со соодветен потег можете да упатите удар кон голманот и, ако тој промаши, можете директно да постигнете гол. Таквиот шут има повеќе темпо на топката. Би ја упатил меѓу стативите, над голманот, како што тоа го прави Арсенал. И секогаш ќе треба да размислувам да го префрлам првиот дефанзивец. Тоа ми беше на ум додека се подготвував да ги изведувам ударите. Постојат различни техники што ги користите во зависност од тоа каков тип центаршут сакате да имате. Луѓето што се најдобри додавачи и нафрлувачи обично се најдобри во изведувањето прекини на играта, Кевин де Брујне може да шутира и да асистира и може да испорача центаршут од слободен удар, а помага и малку самодовербата – вели тој.
Рајан Шокрос, кој стана експерт за постигнување голови со глава по корнер за време на кариерата, претежно во Стоук, претпочита поинаков стил на центаршут, но ја истакнува важноста на квалитетна топка во шеснаесетникот.
– Сѐ е до центаршутот. Арсенал ги има Рајс и Сака, кои имаат неверојатни нафрлени топки. Кога бевме навистина успешни, ги имавме Лиам Лоренс, Џермејн Пенант, Мет Етерингтон. Сѐ е до центаршутот и желбата да се оди и да се игра со глава – вели Шокрос.
ТАЈМИНГ
Одбранбениот играч Шокрос е еден од најплодните стрелци при удари со глава во Премиер-лигата во 21 век, со девет гола за Стоук, а еднаш постигна седум првенствени гола во една сезона во дивизијата Чемпионшип.
– Тајмингот е клучен. Тоа е вашиот тајминг да се оддалечите од вашиот чувар, тајминг да скокнете и да ја сретнете топката. Вашиот процес на размислување додека се приближува е: Што правам со топката, дали да ја спуштам надолу, дали одам на силен шут? Десно или лево? Но многу често, топката ќе ви диктира што да правите. Ќе видите дека само удира во главата и влегува во голот. Погрижете се добро да се справите со неа и обидете се да ја спуштите ако е можно – објаснува тој.
Шокрос верува и дека фактот дека тој бил централен дефанзивец бил во негова корист.
– Како централен бек, вие сте експерт за насочување на топката со глава. Централните бекови се подобри во ударите со глава. Напаѓачите многу повеќе ја удираат топката, но централните бекови ја упатуваат топката подалеку, така што тие се навикнати на тој контакт со топката на предниот дел од главата и да добијат далечина и висина. Ги земате тие принципи и се обидувате да ги примените при постигнување гол. Требаше да постигнам уште многу. Требаше да имам пет годишно – вели тој.
МЕНТАЛНА ИГРА
Педерсен верува и дека има ментална игра кога тимот станува успешен од корнери, нивната репутација раѓа несигурност кај ривалите.
– Во Блекбурн водевме во една фаза во лигата со голови од прекини. Кога ја добивате таа загриженост од противниците, тоа ви помага. Штом го видите тоа кај противникот, продолжувате да напаѓате – вели тој.
Улогата на играчите што не се нужно цел на центаршутот, исто така, станува сѐ поважна. Погледот кон играчите што го чекаат центаршутот открива внимателно оркестрирана рутина на туркање и „блокирање“ дизајнирана да создаде слободно трчање кон топката за најсилните шутери со глава на тимот.
– Главниот клуч за успехот од корнерите е блокирањето. Дури и ако сте екипа што нема големи способности при скок-игра, повеќето тимови ќе имаат барем еден играч што е добар во скокот. Ако користите блокирање, големи се шансите да го ослободите тој играч – вели Стјуарт Рид, хонорарен аналитичар што работел со неколку професионални клуба.
„Тони Пулис беше одличен во блокирањето“, додава Шокрос за неговиот поранешен менаџер на Стоук. „Би оркестрирале два или три различни блока пред да дојде топката, а тоа ќе му даде простор на играчот да ја нападне топката. Идеално би имале некој слободен на предната статива, некој слободен на задната статива, некој слободен во средината и некој да го блокира голманот. Сите работи што сега лирски се опишуваат за Микел Артета беа направени пред години од велшкиот гениј Тони Пулис“.
Ударите од аголот уште претставуваат можност за постигнување гол со релативно низок процент, само 4,6 насто од корнерите доведоа до гол во минатата сезона, на пример, пишува „Би-би-си“. Но, како што покажува Арсенал, со играчите на Артета што реализираа шест отсто од нивните корнери во 2023 и 2024 година, работата на тренинзите може да донесе добивка.
– Големите натпревари деновиве се решаваат по прекини. Колку сте подобри во таквата игра толку повеќе имате шанси да победите во овие големи натпревари. Тоа е голем икс-фактор – рече Педерсен. Н.М.