ФУДБАЛ
Натпреварите во фудбалската Бундеслига ќе траат подолго сезонава, бидејќи Германија се приклучува на иницијативата за попрецизно пресметување на судиското продолжение, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Највисоката машка лига во Германија е најновата што го следи трендот поставен од Светското првенство во 2022 година и од англиската Премиер-лига, мерејќи го точното време потребно за настани како црвени картони, пенали и повреди и додавајќи го тоа време на крајот од секое полувреме.
– Сега имаме нешто помалку од 60 минути нето-време за игра, со топката во игра, што веројатно ќе се зголеми малку – истакна Кнут Кирхер, директор за спорт и комуникација на германското судиско тело, во коментар објавен од германската агенција ДПА, пренесе АП.
Новата сезона во Бундеслигата треба да почне на 22 август. Н.М.