Американски инвеститори веќе ги купија славните клубови од Рио де Жанеиро, Ботафого и Васко да Гама, а бразилскиот фудбалски великан Роналдо го купи Крузеиро, клубот во кој ја почна кариерата. Експертите велат дека бразилските клубови се примамлива опција за странските инвеститори, пишува АФП. Бразил е водечки светски извозник на фудбалери

ФУДБАЛ

Со новиот закон, кој на бразилските фудбалски клубови им дозволува да работат како компании, им се отвори вратата на странски инвеститори да купуваат клубови, како во Европа. По еден век функционирање како непрофитни здруженија, бразилските клубови почнаа да ги трансформираат своите деловни модели, откако Конгресот лани го усвои нацрт-законот, охрабрувајќи создавање „фудбалски корпорации“, пишува агенцијата „Франс прес“ (АФП).
Американски инвеститори веќе ги купија славните клубови од Рио де Жанеиро, Ботафого и Васко да Гама, а бразилскиот фудбалски великан Роналдо го купи Крузеиро, клубот во кој ја почна кариерата. Експертите велат дека бразилските клубови се примамлива опција за странските инвеститори. Бразил е водечки светски извозник на фудбалери. Пред да биде усвоен законот, само два врвни бразилски клуба работеа како компании, Кујаба, во сопственост на локалниот производител на гуми „Дребор“, и Брагантино, како дел од меѓународната група тимови на „Ред бул“, австриската компанија за пијалаци.
– Бразилскиот фудбал секогаш беше многу затворен за надворешни инвестиции поради бизнис-моделот контролиран од дома. Со овие инвестиции, трендот ќе биде подобрување на менаџментот на бразилските клубови, што носи уште повеќе пари и за возврат подобри перформанси – за АФП вели Цезар Графиети, кој ги советува фудбалските инвеститори како партнер во консултантската фирма „Конвокадос“.
Пред да станат клубови компании, Ботафого, Васко да Гама и Крузеиро имаа финансиски кризи. Ботафого годинава се врати во Првата лига, а сега е на четвртата позиција во лигата. Васко да Гама и Крузеиро се во Втората лига и се тркаат за пласман во повисок ранг. Во 2020 година трите клуба заедно имале долгови во вкупна вредност од 442 милиони долари, според консултантската фирма „Спорт валју“, пишува АФП. Ботафого во март беше купен од американскиот бизнисмен и пионер на „виртуелната реалност“ Џон Текстор, кој има 90 отсто од акциите во клубот. Според договорот, Текстор, кој е косопственик на англискиот Кристал палас и на белгискиот Моленбек, треба да инвестира 77 милиони долари во тимот во следните три години.
– Фудбалот не се разликува од кој било друг бизнис. Мора да победувате за да бидете профитабилни – рече 56-годишниот магнат за „Си-ен-ен“ во март, пренесува АФП.
Роналдо во април купи 90 отсто од акциите на Крузеиро за непозната сума.

– Нема да запреме додека нашироко не имплементираме модел на управување што е ефикасен, етички и носи резултати – рече тој.
Што се однесува до Васко да Гама, американската групација „777 партнерс“, која ја поседува италијанска Џенова, а има удел и во шпанската Севилја, сака да купи 70 отсто од акциите во клубот за 135 милиони долари. Но договорот треба да добие „зелено светло“ од советниците и од партнерите на клубот. Повеќе зделки допрва се очекуваат. Според локалните медиуми, второлигашот Баија е во преговори со „Сити фудбал груп“, газдите на Манчестер сити и на девет други клуба. Актуелниот шампион, Атлетико Минеиро, соопшти дека не ја исклучува можноста за корпоративно работење. Другите фудбалски моќници како Фламенго, Коринтијанс и Палмеирас засега се воздржани, пишува АФП. Рафаел Занете, специјалистот за спортски маркетинг, предвидува дека Бразил, чии клубови освоија четири од претходните пет титули во Копа либертадорес (Лига на шампионите на Јужна Америка), според новиот систем, уште повеќе ќе доминира во јужноамериканскиот фудбал.
– Латинска Америка треба да гледа на бразилскиот пазар како на референција. Ова е патот напред, дури и почеток во достигнувањето на Европа – вели тој.