ФУДБАЛ
- За титулата ќе играат Палмеирас и Фламенго, кои се сретнаа меѓу себе и во финалето во 2021 година. Седми пат во меч за трофејот во Копа либертадорес ќе настапат екипи од Бразил (претходно во 2005, 2006, 2020, 2021, 2022 и во 2024 година)
Рафаел Веига постигна два гола, а Палмеирас ја надмина негативата од 3-0 по првиот натпревар и победи со 4-0 на дуелот со Лига Депортива од Еквадор и се пласира во финалето на Копа либертадорес (клупско фудбалско првенство на Јужна Америка), пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Фудбалерот од средниот ред Веига постигна гол во 68-та и во 82-та минута по головите на Рамон Соса и Бруно Фукс во првото полувреме.
Палмеирас, кој го освои Копа Либертадорес во 1999, 2020 и во 2021 година, ќе се соочи со Фламенго во целосно бразилско финале на 29 ноември во Лима (Перу). Тоа му гарантира на Бразил осма титула во претходните девет изданија на Копа либертадорес, пишува АП.
Претходно, во првото полуфинале, Фламенго, кој играше во поголемиот дел од второто полувреме со 10 фудбалери, одигра нерешено, без голови, со Расинг Клуб, и се пласира понатаму со вкупен резултат 1-0, пишува АП. Фламенго досега трипати беше првак на Јужна Америка (во 1981, 2019 и во 2022 година).
Финалето годинава ќе биде осмо во кое ќе се сретнат клубови од иста земја, а седмо во кое ќе настапат екипи од Бразил. Досегашни финалиња со тимови од Бразил се одиграа во 2005-та (Сао Паоло и Атлетико Паранаенсе), 2006-та (Интернационал и Сао Паоло), 2020-та (Палмеирас и Сантос), 2021 г. (Палмеирас и Фламенго), 2022 г. (Фламенго и Атлетико Паранаенсе) и во 2024 година (Ботафого и Атлетико Минеиро), а аргентинско финале за првак на Јужна Америка се играше во 2018 година (Ривер плата и Бока јуниорс).
Копа либертадорес се игра од 1960 година, а досега најмногу титули освои Индепендиенте од Аргентина, седум, а потоа се Бока јуниорс со шест, Пењарол од Уругвај со пет, Ривер плата и Естудиантес од Аргентина со по четири…
Победникот на годинашното финале ќе се пласира на Интерконтиненталнот куп на Светската фудбалска федерација (ФИФА) годинава и на клупското Светско првенство во 2029 година. Н.М.
Неодамнешни прваци на Ј. Америка
ГОД. КЛУБ (ЗЕМЈА)
2017 Гремио (Бразил)
2018 Ривер плата (Аргентина)
2019 Фламенго (Бразил)
2020 Палмеирас (Бразил)
2021 Палмеирас (Бразил)
2022 Фламенго (Бразил)
2023 Флуминенсе (Бразил)
2024 Ботафого (Бразил)
2025 ? (Бразил)


































