Фото: ЕПА

Награди добија и Карло Анчелоти и Ема Хејс меѓу тренерите, Емилијано Мартинез и Алиса Нехер кај голманите, Марта и Алехандро Гарначо за најдобри голови, беа избрани и најдобрите тимови за годинава…

ИЗБОР НА ФИФА

Светската првенка со Шпанија од 2023 година, Аитана Бонмати, е прогласена за најдобра фудбалерка во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), а Бразилецот Винисиус Жуниор е добитник на наградата за најдобар фудбалер, на церемонијата во Доха (Катар), објави ФИФА.
– Благодарна сум што ја добив оваа награда. Како што секогаш велам, ова е тимски успех. Беше одлична година, многу е тешко да се повтори. Благодарна сум им на луѓето што ми помагаат да бидам подобра секој ден, од клубот, до моите соиграчки, кои секогаш ми помагаат да бидам подобра – изјави Бонмати, која ја доби наградата и лани и која годинава со Барселона ја освои домашната тројна круна и Лигата на шампионите, како и Лигата на нациите со репрезентацијата.
Винисиус Жуниор го постигна вториот гол на Реал Мадрид во финалето годинава, еден од 24-те на 39 натпреварувачки клупски настапи во сезоната 2023/2024, а шпанскиот клуб ја освои рекордната 15-та титула во Лигата на шампионите. Тој беше и дел од репрезентацијата на Бразил, која стигна до четврт-финалето на Копа Америка годинава во САД и ги додаде трофеите во Ла лига, Суперкупот на Шпанија и во Суперкупот на УЕФА, пишува ФИФА.
– Не знам ни од каде да почнам. Беше толку далеку што се чинеше невозможно да се стигне тука. Бев дете што играше фудбал босо на улиците на Сао Гонсало, блиску до сиромаштија и криминал. Доаѓањето тука е нешто многу важно за мене. Тоа го правам за многу деца што мислат дека сѐ е невозможно и кои мислат дека не можат да стигнат тука. Морам да им се заблагодарам на сите што гласаа за мене, на сите играчи, тренери, новинари и на моите навивачи. Не можам да заборавам да му се заблагодарам на моето семејство, кое се откажа да го живее својот сон за да го живее мојот. Сакам да им се заблагодарам на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, господин Карлето и на мојот тим, кои ми помогнаа да стигнам тука и ме натераа да верувам дека можам да направам разлика и да направам големи работи со нив – рече Винисиус Жуниор, пренесе ФИФА.
На тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, кој беше вицешампион пред две изданија, му беше врачена наградата за најдобар тренер на машки тим.
– Навистина ми е чест што ја добив оваа награда. Почнав како професионален играч во 1976 година, 48 години во фудбалот, а фудбалот ми даде и ми дава многу емоции. Поголемиот дел од времето тоа е позитивно, понекогаш негативно. Но емоциите се единствената причина што по 48 години уште сум жив – рече Анчелоти.
Ема Хејс беше прогласена за најдобар тренер на женски тим. Таа ја предводеше репрезентацијата на САД до олимпиското злато во Париз, само неколку недели откако го круниса својот 12-годишен престој во Челси со титулата во англиската лига.

Фото: ЕПА

– Тоа е неверојатно признание што никогаш не го земам здраво за готово. Беше неверојатна година, па се чувствувам навистина почестена и привилегирана што ја добив наградата – рече Хејс.
Голманот на Астон Вила и на Аргентина, Емилијано Мартинез, вторпат е најдобар голман (претходно во 2022 година), главно поради неговата главна улога во трката на Аргентина до трофејот на Копа Америка, пишува ФИФА. Алиса Нехер беше крунисана за најдобра голманка, откако нејзините одбрани, особено во победата во полуфиналето со Германија, помогнаа САД да стигнат до олимпиското злато. Наградите за најдобри голови годинава ги добија Марта (Бразил), која ја освои инаугуративната награда што го носи нејзиното име, и Алехандро Гарначо (Аргентина), кој го освои трофејот „Пушкаш“.
Најдобар тим на фудбалерки за 2024 година: Алиса Наехер (Чикаго/САД), Ајрене Паредес (Барселона/Шпанија), Она Батле (Барселона/Шпанија), Луси Бронз (Барселона и Челси/Англија), Наоми Гирма (Сан Диего/САД), Аитана Бонмати (Барселона/Шпанија), Линдзи Хоран (Лион/САД), Габи Портиљо (Коринтијанс/Бразил), Патри Гијаро (Барселона/Шпанија), Каролин Греам Хансен (Барселона/Норвешка), Салма Паралуело (Барселона/Шпанија).
Најдобар тим на фудбалери за 2024 година: Емилијано Мартинез (Астон Вила/Аргентина), Рубен Диас (Манчестер сити/Португалија), Дани Карвахал (Реал Мадрид/Шпанија), Антонио Ридигер (Реал Мадрид/Германија), Вилијам Салиба (Арсенал/Франција), Џуд Белингем (Реал Мадрид/Англија), Родри (Манчестер сити/Шпанија), Тони Крос (Реал Мадрид/Германија), Ерлинг Холанд (Манчестер сити/Норвешка), Ламине Јамал (Барселона/Шпанија), Винисиус Жуниор (Реал Мадрид/Бразил). Н.М.