Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ

  • Подемот на Бодо/Глимт, клуб од Арктичкиот Круг, почна во 2017 година, првпат ја освои норвешката титула во 2020 година, лани стана првиот норвешки тим што настапи во полуфинале на европски куп (во Лига Европа), а сега е осминафиналист во Лигата на шампионите. „Многу сум горд, ние сме тим од мал град. Навистина се надевам дека ќе покажеме дека ако можеме ние да го направиме тоа, тогаш секој може да го направи тоа, а тоа е најубавото нешто во целата приказна“, рече тренерот Кнутсен

Ова е историски момент за Бодо, а мислам и за норвешкиот фудбал, рече Кјетил Кнутсен, тренерот на Бодо/Глимт, по пласманот во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), пренесе „Би-би-си“.
Норвешкиот тим Бодо/Глимт во плејофот го победи Интер и за пласман во четврт-финалето ќе игра со Манчестер сити или со Спортинг. Јенс Петер Хауге повторно беше инспиративен, постигнувајќи го својот шести гол во натпреварувањето сезонава, за првиот гол во победата со 2-1, пред да асистира за погодокот на Хакон Евјен.
– Не звучи како вистина, но ние сме таму, во осминафиналето на натпреварувањето. Ќе биде навистина возбудливо да се види што ќе донесат следните два меча – рече Хауге, кој се врати на „Сан Сиро“ откако две години беше член на Милан, пренесе „Би-би-си“.
Бодо/Глимт е првиот норвешки тим што се пласира во нокаут-рунда во ЛШ и првиот вкупно заедно со некогашниот Куп на шампионите од Лилестрем во 1. коло во сезоната 1987/1988. Тој е и првиот тим надвор од петте најголеми европски лиги што победил во четири меча по ред во една сезона во Купот на шампионите или во Лигата на шампионите против противници од тие лиги (Англија, Шпанија, Германија, Италија и Франција) од Ајакс во сезоната 1971/1972, кој потоа ја освои европската титула во таа сезона, пишува „Би-би-си“. Седиштето на Бодо/Глимт, кој беше второлигаш во 2017 година, е во Бодо, во Арктичкиот Круг, со население од 55.000 жители. Бодо/Глимт првпат ја освои норвешката титула во 2020 година, а потоа и во 2021, 2023 и во 2024 година.
Овој пат од бајките до осминафиналето се чинеше неверојатен за Бодо откако не победи во првите шест меча од лигашкиот дел, што значеше дека му требаа резултати против Манчестер сити и Атлетико Мадрид за да се пласира во плејофот, пишува „Би-би-си“. Бодо/Глимпт победи во тие натпревари. Екипата на Кнутсен загуби од Тотенхем во полуфиналето на Лига Европа минатата сезона, откако стана првиот норвешки тим што стигна до полуфинале на големо европско натпреварување. Ова е чекор во непознатото за Бодо/Глимт, додека се подготвува првпат да игра во осминафиналето на ЛШ. Но нивниот настап до полуфиналето на Лига Европа во претходната сезона ќе им даде верба и ќе му даде надеж на секој мал клуб за тоа што сѐ уште може да се постигне во големите натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА), пишува „Би-би-си“.
– Многу сум горд, ние сме тим од мал град. Навистина се надевам дека ќе покажеме дека ако можеме ние да го направиме тоа, тогаш секој може да го направи тоа. За мене тоа е најубавото нешто во целата приказна – рече Кнутсен. Н.М.