Фото: ЕПА

Голманот Филип Нгуен, роден во Чешка, зборува за својот пат во кариерата и сонот да го води Виетнам на претстојното Светско првенство

ФУДБАЛ: ФИЛИП НГУЕН, ГОЛМАН НА ВИЕТНАМ

Филип Нгуен е виетнамски голман со потекло од Чешка. Тој мина низ деветгодишен процес на натурализација пред да го направи своето деби. Играчот ѝ кажа на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за својот сон да игра на Светското првенство (СП). Роден во Чешка пред 31 година, Нгуен е талентиран голман. Неговите вештини беа препознаени од земјата на неговото раѓање кога доби меѓународен повик во септември 2020 година.
– Мојата кариера започна во Чешка. Го добив првиот меѓународен повик за време на пандемијата на ковид-19, а и потоа повторно бев повикан, можеби четири или пет пати, но никогаш не играв за Чешка – изјави поранешниот младински играч на Спарта Прага, во интервју за ФИФА.
Судбината и силниот афинитет кон неговото виетнамско потекло потоа го сменија патот на Нгујен. Играчот кому идол му е шпанскиот голман Икер Касиљас, сега е последната линија на одбраната на виетнамскиот клуб Конг Ан Ха Нои.
– Мојот татко е од Виетнам и отсекогаш сум бил фасциниран од виетнамската култура и од сѐ околу неа. Татко ми не ме учеше виетнамски кога бев дете, па ми беше малку потешко, но го сфатив како предизвик и сега можам да зборувам – појаснува Нгуан.
Тоа беше одлука што ја донесе со голема гордост. По деветгодишно чекање за натурализација, Нгуен беше награден со незаборавното искуство да ја слушне виетнамската национална химна за првпат на теренот пред неговото меѓународно деби на пријателскиот меч против Киргистан во јануари годинава.

– Ми беше чест да го претставувам Виетнам, оти татко ми е од оваа земја и секогаш кога играм за репрезентацијата, тој е многу горд. Моето деби беше одлично искуство. Ми олесна што мојот долг процес на натурализација конечно беше завршен, па бев многу среќен. Слушањето на националната химна ме натера целосно да се посветам на Виетнам, бидејќи чувствував голема поддршка од сите Виетнамци и не сакам да ги изневерам. Многу сум горд и верувам дека морам да дадам сѐ за нив – дециден е тој.
Квалификациите за СП во Азија во 2026 година влегуваат во клучна фаза. Надежите на Виетнам за пласман во финалето на турнирот не се уништени, но тие ќе мора да ги победат во преостанатите два меча од групната фаза од второто коло, Филипини и Ирак, на 6 јуни, односно 11 јуни, за да можат да се надеваат дека ќе напредуваат повисоко од третата позиција во групата Ф и да се пласираат во следната рунда.
– Остануваат уште два дуела во оваа фаза и сѐ уште имаме шанса да одиме понатаму. За жал, не можеме да ја контролираме сопствената судбина, но ќе дадеме сѐ од себе за да освоиме шест бода. Ќе биде тешко, оти треба да патуваме во Ирак и да им бидеме домаќини на Филипини. Лично, се подготвувам на ист начин како и обично за овие два меча. Важно е само да се фокусираме на еден по еден натпревар и да се обидеме да го извлечеме најдоброто од нас во сите 90 минути – смета Нгуен.
Доаѓањето на новиот тренер од Јужна Кореја, Ким Санг-сик, кој беше назначен да го замени претходно овој месец, тренерот Филип Трусие, го подгреа оптимизмот на голманот на Конг Ан Ха Нои за позитивен резултат.

– Се надеваме дека доаѓањето на Ким Санг-сик повторно ќе го оживее духот на виетнамскиот фудбал. Сè уште не го знам неговиот тренерски стил, но ако виетнамската федерација верува во него, не се сомневам дека тој е одличен тренер што ќе ни го покаже својот квалитет – вели Нгуен.
Исто како и за секој друг интернационален играч што се натпреварува во квалификациите за СП, целта е да се стигне до главната фаза на светскиот турнир. Дури и ако тој сон избледува за претстојното издание, Нгуен сепак ќе даде сѐ од себе Виетнам во иднина да ја почувствува атмосферата на СП.
– Апсолутно, мислам дека секој професионален играч има сон да игра на СП, оти тоа е најголемата фудбалска сцена во светот. Би било неверојатно ако Виетнам за првпат се квалификува на СП и ова постигнување би било фантастично – вели Нгуен во интервјуто за ФИФА. Г.И.