Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди, трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација од разни причини. На оваа необична листа е и трикратниот европски првак, Германецот Бернд Дирнбергер, кој беше дефанзивен играч од средниот ред на Баерн, но, всушност, универзален фудбалер

ТРОФЕЈНИ ЛЕГЕНДАРНИ ФУДБАЛЕРИ БЕЗ НАСТАП ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА (3)

Многу фудбалери сезонава ќе играат за освојување на големиот трофеј во Лигата на шампионите, повеќе од нив веќе го освоиле барем еднаш, некои ќе играат и за израмнување на рекордот од шест такви пехари во кариерата, а многумина од нив имаат и трофеи или значајни успеси со своите репрезентации. Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите и со сосема поинаков систем на натпревари, но секако натпреварување за европската клупска титула) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди и трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација од разни причини.
Меѓу нив има, на пример, и тројца трикратни европски прваци, но и други фудбалери што биле клупски шампиони на Европа и на светот, најдобри стрелци во некои од најсилните домашни фудбалски првенства во Европа, младински континентални прваци со соодветните репрезентации…
Голманот Хенц Стај од Холандија и одбранбениот фудбалер Хорст Бланкенбург од Германија, двоецот од славните денови во 1970-тите години на холандскиот Ајакс од Амстердам, со кој трипати по ред беа европски прваци, ги претставивме во првите две продолженија, а на оваа трофејна листа со фудбалери што немаат настап за своите репрезентации се запиша уште еден трикратен европски првак, Германецот Бернд Дирнбергер (69). Тој беше дефанзивен играч од средниот ред на Баерн, но, всушност, универзален фудбалер.
Дирнбергер со клубот од Минхен ги освои европските титули во 1974, 1975 и во 1976 година. Тој играше 15 минути во првото финале, со шпанскиот клуб Атлетико Мадрид и цели натпревари во следните два натпревара за континенталната титула, со англиски Лидс и со француски Сент Етјен, во време во кое за Баерн настапуваа и репрезентативците на Германија, славните Сеп Маер, Франц Бекенбауер, Герд Милер, Паул Брајтнер, Ханс-Георг Шварценбек, Ули Хенес…, сите европски и светски прваци со репрезентацијата, во 1972, односно, во 1974 година. Сите тие работеа под тренерско раководство на Удо Латек (освојувач на сите три европски клупски натпреварувања како тренер, и тоа Купот на шампионите со Баерн во 1974 година, Купот на УЕФА со Борусија Менхенгладбах во 1979-та и Купот на победниците на куповите со Барселона во 1982 година) и на Дитмар Крамер (две европски и една светска титула со Баерн). Дирнбергер во клубот беше донесен токму од Латек, кој во 1985 година одново беше тренер на Баерн, кога Дирнбергер ја одигра последната сезона.

Дирнбергер, кој можел да игра на повеќе позиции во тимот, е рекордер, откако ниту еден друг германски фудбалер не одиграл повеќе натпревари во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување, Купот на шампионите (КЕШ), сега со име Лига на шампионите (ЛШ). Тој на 78-те настапи постигна девет гола. Згора, Дирнбергер е еден од само тројцата германски фудбалери што играле во четири финалиња на КЕШ или на ЛШ, покрај Тони Крос и Томас Милер. На овие достигнувања и трофеи тој ја додаде и светската клупска титула во 1976 година (настапи во првиот меч со бразилскиот Крузеиро, 2-0, во реваншот беше 0-0), како и четири трофеи во првенството на Германија и два домашни купа.
Дирнбергер, кој професионално настапуваше само за Баерн од Минхен, од 1972 до 1985 година, не одигра ниту еден натпревар за А-репрезентацијата на Германија, иако имаше десетина настапи за Б-репрезентацијата на Германија.
По врвните мечеви во европските клупски купови, селекторот Хелмут Шен го повика за плејоф-дуелите со репрезентацијата на Шпанија, за пласман на Европското првенство во 1976 година, за место во одбраната, покрај Берти Фогтс, Бекенбауер, Шварценбек, Бернд Диц…, но, од настап за А-репрезентацијата на Германија го оддалечи сериозна повреда на коленото. Десет месеци подоцна Дирнбергер се врати на терените, во следните години освои уште три домашни титули и два купа, заигра во четвртото финале за европската титула, со Астон вила… Г.М.

(продолжува)

Идната недела: Капитен на славна генерација