Во фантастичен натпревар, преполн со шанси, голови и моменти на индивидуална брилијантност, Манчестер сити го победи Реал Мадрид со 4-3. Карим Бензема постигна гол од пенал со т.н. удар „паненка“, со кој поведе на листата на стрелците во ЛШ сезонава, со 14 гола

Секогаш ја имам мислата дека ако не изведеш пенал, никогаш нема и да промашиш пенал. Тоа е ментална самодоверба, имам голема доверба во себе, затоа го правам тоа и излегува добро, објаснува центарфорот на Реал Мадрид, Карим Бензема, зошто решил да го изведе пеналот со т.н. удар „паненка“, на првиот полуфинален меч во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) помеѓу Манчестер сити и Реал Мадрид, 4-3.
Вештината и смиреноста на Бензема (34) уште повеќе дојдоа до израз и поради фактот што тој промаши два пенала на натпреварот на Реал Мадрид минатата недела со Осасуна. Со двата два гола што ги постигна на мечот со Манчестер сити, на 600-от меч за Реал, Бензема стигна до бројката од 14 гола во ЛШ (девет на претходните четири меча), најмногу од сите сезонава, или вкупно 41 гол на исто толку натпревари сезонава во сите натпреварувања. Тој е првиот играч што постигнал над 40 гола во една сезона за Реал Мадрид, по Кристијано Роналдо (44 погодока) во сезоната 2017/2018.
Манчестер сити и Реал одиграа фантастичен натпревар, преполн со шанси, голови и моменти на индивидуална брилијантност, во кој Сити беше подобар, трипати имаше предност од два гола, која не успеа да ја задржи. Кај Сити за издвојување е играчот на мечот, Кевин де Брујне, кој го постигна водечкиот гол по само 94 секунди игра, што е најран гол на полуфинален меч во ЛШ.

Претходниот најбрз гол го постигна Џошуа Кимих, во мај 2018 година, за Баерн против Реал Мадрид (по 2,44 минути игра). За Реал Мадрид тоа беа и најрано примени два гола во ЛШ (во втората и во 11-та минута), по двата во првите 16 минути на полуфиналниот меч со Атлетико (1-2) во мај 2017 година.
Седумте гола се најмногу во полуфинале на ЛШ заедно со мечевите Ајакс – Баерн (5-2) во 1995 година и Ливерпул – Рома (5-2) во 2018-та. Ова беше само втор полуфинален натпревар во ЛШ на кој двата тима постигнуваат барем по три гола, по мечот Динамо Киев – Баерн (3-3), во 1999 година.
– Ова беше фантастичен натпревар за двата тима. Сѐ што можевме да направиме е да одиграме како што одигравме. Квалитетите на Реал Мадрид се такви и тие можат да ве казнат. Создававме шанси и шанси, не можам да побарам ништо повеќе. Играчите сега ќе треба да се одморат, следува Лидс, тоа ни е сега најважна работа, а потоа одиме во Мадрид да победиме. Честитки за Карло Анчелоти и за неговиот тим, бидејќи беа многу добри – изјави менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола.


ЛШ, ПОЛУФИНАЛЕ

Манчестер сити – Реал Мадрид 4-3
Ливерпул – Вилјареал синоќа
реваншите се на 3 и на 4 мај, финалето е во Париз на 28 мај