Рафиња и Левандовски вкупно 46 пати ја затресоа мрежата во сите клупски натпреварувања
ФУДБАЛ – ВО ПЕТТЕ НАЈСИЛНИ ПРВЕНСТВА ВО ЕВРОПА
Шест фудбалери од најдобрите пет европски првенства постигнаа барем 20 гола сезонава во сите натпреварувања (домашни првенства и купови и европски клупски натпревари), а двајца од нив се од Барселона, пишува „Би-би-си“. Напаѓачот на Барселона, Роберт Левандовски (Полска), откако пристигна од Баерн во 2022 година, постигна 85 погодоци за клубот на 122 средби, од тоа сезонава 26 гола на 28 меча во сите натпреварувања, и е најдобар стрелец во Ла лига, со 16 погодоци, пишува „Би-би-си“. На второто место е Хари Кејн (Англија) од Баерн, кој лани ја освои европската „златна копачка“. Тој има 22 гола на 23 дуели во сите натпреварувања, вклучувајќи и четири хет-трика (три гола на еден меч). Со 16 погодока во лигата, Кејн (31) остана во игра и за втора по ред европска „златна копачка“. Мохамед Салах (Египет) од Ливерпул досега сезонава постигна 21 гол на 30 дуели, а со 18-те погодока во Премиер-лигата води во трката за европската „златна копачка“, пишува „Би-би-си“.
Ерлинг Холанд (Норвешка) од Манчестер сити 22 пати ја затресе мрежата на 29 меча и е кандидат за трета по ред „златна копачка“ во Англија. Омар Мармуш (Египет) од Ајнтрахт постигна 20 гола на 26 меча во сите натпреварувања, од тоа 15 во Бундеслигата, а 20 гола на 29 средби има Рафиња (Бразил) од Барселона, кој веќе ја има најефикасната сезона во кариерата и кој со Левандовски го сочинува најефикасното дуо во најдобрите пет европски првенства (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија) сезонава, со 46 гола, пред Кејн и Џамал Мусиала (Германија) од Баерн со 36…
Виктор Ѓокереш (Шведска), пак, постигна 33 гола на 31 меч за Спортинг и со тоа вкупно е најефикасен сезонава во Европа. Тој 22 пати ја затресе мрежата во само 18 првенствени средби сезонава, но бидејќи португалската лига е рангирана на седмото место во Европа, тие голови не се вреднувани како оние што се постигнати во најсилните првенства во рангирањето за европската „златна копачка“, пишува „Би-би-си“. Н.М.