Италијанските медиуми беа крајно разочарани од дебито на селекторот Лучано Спалети на клупата на италијанската фудбалска репрезентација по ремито со Македонија 1-1 во Скопје, оценувајќи дека дуелот со Украина на „Сан Сиро“ сега станува клучен за „аѕурите“. Италија поведе со голот на Чиро Имобиле, пред Енис Барди да го постави конечниот резултат со извонреден погодок од слободен удар.
„Италија, сега само нагорнина“, вели насловот на „Газета дело спорт“, оценувајќи дека квалификциите за Европското првенство стануваат компликувани и додавајќи дека мечот во вторник против Украина станува клучен за надежите за пласман.
„Ова сме ние“, е насловот на „Кориере дело спорт“, кои ја пренесуваат пораката на Лучано Спалети дека навивачите кои го гледале мечот најдобро ќе дадат оценка за мечот.
„Tутоспорт“ оценува дека „аѕурите“ имале добар почеток, најава за убав фудбал, но потоа се покажала „кризата на таленти“ во нападот на „ужасниот“ терен во Скопје.