Фото: ЕПА

Германија и Шпанија освоија по три европски титули, а и кога станува збор за клубовите (вкупно 104) во кои играле сите досегашни фудбалери европски прваци, доминираат клубови од тие земји

ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА 17-ТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО (1)

Со утрешните мечеви Велс – Полска, Украина – Исланд и Грузија – Грција ќе се добијат преостанатите три учесници на фудбалското Европско првенство (ЕП) годинава во Германија. Од нив Грузија игра за деби на ЕП, Исланд и Грција за враќање на шампионатите по пауза од осум, односно 12 години, а Велс, Украина и Полска за учество во низа, по настапот на ЕП 2020. На осумдесетина дена до почетокот на ЕП 2024 во неколку продолженија ви претставуваме приказни, факти, значајни моменти… од минатите европски првенства.
Германија и Шпанија освоија најмногу европски титули, по три, а и кога станува збор за клубовите во кои играле сите досегашни фудбалери европски прваци, доминираат клубови од тие земји. По ЕП 2020 фудбалери од 104 клуба ги освоија медалите за победниците, но ниту еден клуб не се приближи до успехот на Баерн, Реал Мадрид и на Барселона, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Вкупно 19 фудбалери станале прваци со својата репрезентација додека биле членови на Баерн. Тројца помалку шампиони има Реал Мадрид, а петнаесетмина го носеле дресот на Барселона кога ја освоиле европската титула со некоја селекција. Двоцифрен број шампиони има и Јувентус, 10.
По деветмина прваци имаат Бордо, Борусија Д., Борусија М., Интер и Валенсија, по осум имаат Милан и Монако, по седум Челси и Слован Б., по шест Келн, Панатинаикос и Сарагоса, по пет АЕК, Ајакс, Ливерпул, Наполи, Пари сен Жермен, ПСВ Ајндховен и Вердер, по четири Атлетик Б., Арсенал, Атлетико М., Брондби, Фиорентина, Хамбург, Лингби, Олимпијакос, Рома, Спортинг, Штутгарт и Торино, по тројца Динамо Москва, Динамо Тбилиси, Дукла, Интер Братислава, Сасуоло, Севилја, Славија П., Спартак Москва и Вилјареал, по двајца Аталанта, Оксер, Бенфика, Бешикташ, Болоња, Каљари, Дуизбург, Динамо Киев, Ајнтрахт Ф., Феенорд, Кајзерслаутерн, Кошице, Лацио, Локомотив Москва, Мајорка, Манчестер јунајтед, Бетис, Шалке и Тулуз, а по еден Архус, Андерлехт, Б 1903, Бохемианс, Болтон, Брага, ЦСКА Москва, Ден Бош, Динамо Загреб, Фортуна Диселдорф, Фортуна Ситард, Фрајбург, Гетафе, Ханза, Карлсруе, Лестер, Локомотива Кошице, Лил, Лион, Малага, Манчестер сити, Марсеј, Мехелен, Мулхаус, Нант, Одензе, Парма, Порто, Рода, Силкеборг, Спартак Трнава, Сошо, Саутемптон, Теплице, Торпедо Москва, СКА Ростов, Трабзонспор, Удинезе, Варезе, Вејле и Волфсбург, пишува УЕФА.
Осум играчи на Баерн беа во триумфалниот тим на Германија за ЕП 1996, а шест во тимот на З. Германија, која го освои ЕП 1972. Победата на Чехословачка во 1976 година го одржува Слован Братислава високо на рангирањето, бидејќи во тој тим имаше седум играчи (Јозеф Чапкович, Антон Ондруш, Јан Пиварник, Маријан Масни, Коломан Гог, Јан Швелик и Александер Венцел), пишува УЕФА. Најзастапен клуб чија матична репрезентација никогаш не го освоила трофејот е Челси со седум прваци (Дидие Дешам, Марсел Десаи и Франк Лебеф во 2000 година со Франција, Фернандо Торес и Хуан Мата во 2012 година со Шпанија и Жоржињо и Емерсон во 2021 година со Италија). Манчестер јунајтед досега имаше двајца победници на ЕП, голманите Петер Шмајхел со Данска во 1992 година и Фабиен Бартез со Франција во 2000 година, пишува УЕФА. Н.М.


Од 333 прваци, тринаесетмина двапати ја освоиле титулата

На претходните 16 европски првенства, вкупно 333 фудбалери станале континентални шампиони со своите репрезентации, а од нив 13 двапати. Првиот фудбалер со таков успех е Германецот Рајнер Бонхоф, кој првата титула ја освои во 1972 година, а втората во 1980 година. Потоа, на оваа листа во 2012 година се приклучија 12 фудбалери на Шпанија, кои четири години претходно првпат станаа европски прваци, и тоа Икер Касилјас, Раул Албиол, Андрес Иниеста, Чави, Фернандо Торес, Сеск Фабрегас, Чаби Алонсо, Серхио Рамос, Алваро Арбеола, Санти Казорла, Давид Силва и Пепе Реина. Годинава на оваа листа може да се запишат фудбалери на Италија, Португалија и на Шпанија. Н.М.


До почетокот на ЕП 2024 во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти… од минатите изданија на европските првенства

(продолжува)

Идната недела: Стрелци, асистенти, јубилеи…